ВАКЦИНИТЕ ПРОТИВ СЕЗОНСКИ ГРИП СЕ РЕЗЕРВИРААТ: Имунизацијата со нови 2.000 дози ќе започне од понеделник, цената е 800 денари
Во почетокот на
следната недела во Центарот за јавно здравје ќе има нови 2.000 дози вакцини
против сезонски грип. Првите се потрошија со неверојатна брзина, за само
неколку часа на првиот ден од вакцинацијата. Граѓаните кои не стигнаа да се
вакцинираат, сега, уште пред да почне имунизацијата си резервираат вакцина,
односно ја плаќаат овие денови, за да може кога ќе дојдат во Центарот за јавно
здравје, да не се случи да нема.
-Денеска ќе одам во Центарот за јавно здравје-Скопје да платам две вакцини за моите родители кои се пнзионери. И покрај тоа што за нив вакцината е бесплатна, нивната матична лекарка никако не може да им закаже термин за вакцинација во некои од пунктовите каде се врши вакцинацијата против сезонскиот грип. Инаку, се вакцинираат секоја година, бидејќи освен што се во ризичната група пациенти над 65 години, имаат и други коморбидитети, вели за Фактор, скопјанката М.Р.
Инаку, бесплатна вакцинација се врши на шест пункта во Скопје, односно во поликлиниките Јане Сандански, Букурешт, Ѓорче Петров, Чаир, Ченто и Бит Пазар,за сите граѓани кои страдаат од хронични заболувања, за повозрасната популација над 65 години, за децата до 5 години, за трудниците. Здравствените работници, пак, за прв пат годинава, можат да бидат вакцинирани во нивните матични куќи. Сите ранливи категории, оние ризични групи кои здравствените власти постојано ги споменуваат, вакцинација против сезонски грип може да си закажат преку системот МојТермин, односно преку нивните матични лекари, кој се прави секој петок.
Уште пред да почне вакцинацијата против сезонскиот грип, Министерството за здравство соопшти:
-Според утврдениот протокол за системско менаџирање, на термините за вакцинација, секој петок од тековната недела се отвараат термини преку системот МојТермин. Оваа пракса годинава е воведена бидејќи се наоѓаме во период на вонредна здравствена состојба каде физичка и временска дистанца помеѓу пациентите се клучен фактор за зачувување на здравјето на луѓето во овој момент. Од таа причина системското менаџирање на вакцинација е клучен фактор.
Инаку, што се однесува до вакцината против сезонски грип која сакаат да ја примат и оние граѓани кои не спаѓаат во ниту една од ранливите групи, таа се аплицира во Центарот за јавно здравје-Скопје, а цената е 800 денари.
Анита Буховски