Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВАКЦИНИТЕ ОД СРБИЈА ДО КРАЈОТ НА ЈАНУАРИ: Министерството за здравство ги привршува деталите за испораката

ВАКЦИНИТЕ ОД СРБИЈА ДО КРАЈОТ НА ЈАНУАРИ: Министерството за здравство ги привршува деталите за испораката

8.000 дози вакцини од производителот Фајзер, што Македонија ќе ги добие од соседна Србија се наменети за сите здравствени и медицински работници, а во од Министерството за здравство за Фактор потврдија дека се надеваат на испорака до крајот на јануари, бидејќи процедурата мора комплетно да се заврши со сета потребна документација. Веднаш по објавата на премиерот Зоран Заев дека понудената помош од Република Србија, односно од претседателот Александар Вучиќ  е прифатена и дека Македонија ќе ги купи по набавна цена, министерот за здравство, Венко Филипче Веднаш рече дека ги почнале разговорите со неговиот српски колега Златибор Лончар околу техничките детали и времето на испорака на вакцините од Србија.

-Во тек се трилатералните преговори меѓу Македонија, Србија и производителот Фајзер во врска со увозот и пуштање во употреба на вакцините кои во нашава земја треба да пристигнат од Република Србија. Веднаш штом завршат процедурите и вакцините пристигнат во држата, јавноста ќе биде информирана. Ние се надеваме дека до крајот на јануари е можно вакцините од соседна Србија да бидат испорачани, велат од Министерството за здравство за Фактор.

Истовремено од Министерството за здравство велат дека испораката на вакцини преку солидарниот фонд, според најавите на амбасадорите, ќе започне после март поради динамиката на испораката на вакцини во нивните земји.

Инаку, во однос на договорот со Србија, станува збор за интервентен увоз, за што од Агенцијата за лекови, МАЛМЕД, велат дека оваа процедура многу брзо ќе биде завршена од нивна страна.

-Откако најави премиерот, ние сме спремни да ги завршиме нашите процедури во моментот кога тие ќе бидат комплетни да ја донесат вакцината физички со пропратна документација. Во моментот кога ќе биде тука, ние многу брзо ќе ги завршиме сите работи. Чекаме Србија да ни достави целосна документација за вакцината од Фајзер, сите потребни сертификати за квалитет. Инаку оваа вакцина е многу полесна од сите останати, бидејќи е регистрирана во Европската агенција за лекови (ЕМА) и веќе ги има доставено сите можни сертификати за контрола и за квалитет, но и нашиот закон налага и ние да ги имаме, вели директорот на МАЛМЕД, Лирим Шабани за Фактор.

Истовремено завршуваат и административните постапки околу царината на фрижидерите, кои се пристигнати како донација, а премиерот Заев, вчера најави дека од политичарите прв веројатно ќе се вакцинира министерот за здравство, Филипче.

Во однос на вакцинацијата против Ковид-19 и пристигнувањето на вакцините во земјава, група пратеници доставија Предлог-закон за изменување и дополнување на законот за лековите и медицинските средства, по скратена постапка.

-Заради сигурност и заштита на македонските граѓани Владата на Република Северна Македонија е должна во најкус можен рок  да им обезбеди вакцини на граѓаните против Ковид-19. Република Северна Македонија заради заштита на населениото од од  Корона вирусот COVID-19  пристапи кон COVAX механизмот за набавка на вакцини против Ковид-19, преку кој механизам обезбеди 833.000 дози на вакцина. Исто така, во тек се и разговори со Европската комисија за набавка на вакцините против Ковид-19 како и директни разговори со производителите на вакцини. Врз основа на претходно наведеното, во услови на пандемија на Ковид-19 прогласена од Светска Здравствена Организација кога директно се загрозени животот и здравјето на луѓето, се утврди потреба од создавање на законски основ за издавање на одобрение за ставање во промет на вакцините против Ковид-19 кога подносителот на барањето нема седиште на територијата на Република Северна Македонија, како и за издавање на условно одобрение за ставање во промет во случај кога барателот кон барањето не ја доставил целокупната документација согласно членот 20 од Законот за лековите и медицинските средства. За таа цел се предлага донесување на Предлог на законот, стои во образложението.

Анита Буховски

Слично

Поврзани вести