ВАЈГЛ ЗА ПРОЕКТОТ „ЖАН МОНЕ“: По 27-ми април сите партии ги научија лекциите
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, денеска за проектот „Жан Моне“, каде што на една маса треба да дискутираат власта и опозицијата по настаните од 27 април, рече дека тоа е можност за пријателски и отворен дијалог преку кој би се решиле проблемите.
Вели дека 27 април е болно прашање за сите. Но, смета дека сите партии по овој настан ги научија лекциите.
„Само одговорен и пријателски дијалог може да доведе до решение. Не можам да гарантирам дека тие ќе се вљубат едни во други, но сепак тоа е добра можност. Преку „Жан Моне“ нема да се решава овој проблем, тој останува да се затвори овде во Собранието преку заеднички и конструктивен дијалог“ - вели Вајгл.
Вајгл додаде дека проектот „Жан Моне“ не е замена за договорот од Пржино и дека тој останува онака како што е. Тој објасни дека новиот институт на Европскиот парламент, „Жан Моне“, треба да биде дијалог меѓу овој европскиот и македонскиот парламент.
Средбата треба да се одржи последната недела од јануари во куќата на Жан Моне во близина на Париз, без присуство на медиуми. Таму треба да присуствува еден координатор, еден пратеник и еден член на службата од секоја партија во парламентот, а ќе се разговара на три теми: Деловникот на Собранието, етичкиот кодекс на пратениците и владеењето на правото.
