Вајгл: Mакедонските политичари би требало да бидат свесни дека се работи за долгорочен интерес
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл вчера повика на обединување на македонските политичари околу проектот за европска и евроатлантска Македонија.
„Сега е важно НАТО и ЕУ и понатаму да ја поддржат Македонија. Останатото ќе мора да го одработат македонските политичари кои би требало да бидат свесни дека се работи за долгорочен интерес и за иднината на државата“- изјави Вајгл.
Тој за референдумот истакна дека околу „половина милион“ гласачи не живеат во Македонија за да се достигне до предвидената законска квота од 50% излезност.
Вајгл вели дека резултатот на референдумот всушност открива „контрадикторна ситуација во денешната македонска политика“ во која сите декларативно се изјаснуваат за европската и евроатлантската иднина на државата, а во исто време на бојкот на референдумот повикуваат и најголемата опозициска партија и шефот на државата.
