Вајгл: Јас немам врска со Сорос и не паѓам на ниски дебати-ЕУ е против нови избори!
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент го повтори ставот на Европската унија во однос на изборите за кои се залага и навива партијата на Никола Груевски.
Иво Вајгл во интервју за емисијата „360 степени“ вели дека се уште не слушнал ниту еден човек во ЕП кој смета дека треба да се оди на нови избори.
„Ставот на ЕП, на ЕК, како и ставот што го изнесе г-динот Туск за време на посетата на Скопје, а тоа се ставовите што можете да ги слушнете од сите страни – од НАТО, од претставници на пријателски држави дека треба да се почитуваат резултатите од изборите и дека треба се оди по патот на нормални, демократски процедури што значи дека оној што има парламентарно мнозинство треба да добие мандат за влада и тука нема никаква друга игра. Сето останато се некакви слободни интерпретации чија очигледна цел е да се одолговлекува процесот на формирање влада. Сите ние изразивме загриженост, јас прв како известувач, за кризата да не влијае на приближувањето на Македонија кон ЕУ – нешто што сите го посакуваме и сакаме стабилна Македонија“, порачува Вајгл.
Тој одби да ги коментира нападите од страна на одредени лица кои го обвинуваа дека ги поддржува „платениците“ на Сорос.
„Јас немам никаква врска со Сорос и мислам дека таквите инсинуации се најголема глупост, но не сакам да учествувам на такво ниво во дебати во Македонија“, потецира европратеникот.
