Вајц предупредува на застој во реформите, Мицкоски возвраќа: „Не знам кој извештај го читате“
Напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија повторно е во фокусот на јавната дебата, откако известувачот за земјава во Европскиот парламент, Томас Вајц, оцени дека нема доволен напредок во реформите.
Во интервју за Euronews Bulgaria, Вајц истакна дека без уставни измени и суштински реформи, земјата ризикува да заостане во процесот на евроинтеграции.
- -Вклучувањето на малцинствата е неопходен чекор за продолжување на преговорите. Но, покрај тоа, потребни се и реформи. Во последната година не видовме никаков напредок – изјави Вајц, предупредувајќи дека во спротивно, европските средства може да завршат во други земји од регионот.
Од опозицискиот СДСМ велат дека изјавите на Вајц ги потврдуваат нивните критики дека Владата не ги спроведува реформите, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли ваквите оценки, тврдејќи дека извештаите за Македонија се позитивни.
- -Не знам кој извештај сте го читале од известувачот Вајц, јас слушнав сосема спротивно – рече Мицкоски, додавајќи критики кон СДСМ за нивната политика во минатото.
Вајц и претходно во своите извештаи укажуваше на потребата од уставни измени и забрзување на реформите како клучни услови за напредок кон Европската Унија.
Дебатата за европската перспектива на Македонија продолжува, со спротивставени ставови меѓу власта и опозицијата за тоа дали земјата бележи напредок или стагнација.
