В сабота Битола ја пушта новата трибина на стадионот што се градеше шест години
Општина Битола в сабота ја пушта во употреба новата северна трибина на стадионот „Петар Милошевски“ што се градеше шест години, објави градоначалникот Тони Коњановски.
За овој проект се инвестирани 5,5 милиони евра, а објектот на стадионот на кој настапува ФК Пелистер го градеше „Гранит“.
„Драги сограѓани, мои битолчани, спортски фанови, Ве поканувам, во сабота, уште еднаш да го потврдиме спортскиот и навивачки дух на Битола и да дадеме поддршка на нашиот фудбалски клуб „Пелистер“, во големото дерби против вечниот ривал „Вардар“. Заедно, да ги отвориме вратите на новата северна трибина и да бидеме поддршка за ФК „Пелистер“ на неговиот пат кон првата лига, каде и природно припаѓа“, објави Коњановски.
Претходно старата северна трибина на тогашниот стадион „Под Тимбе Кафе“ беше урната и беше изградена подземна инфраструктура.Комплетно опремената трибина е наменета за 4500 гледачи, со соблекувални, со прес канцеларии, свечена ложа и сите пропратни елементи. Целосно новиот стадион ќе собере 12.000 гледачи.
