УВЕЗУВАЛЕ КАМИОН, ГЛИСЕРИ И ВОЗИЛА, АМА ДАНОЦИТЕ САКАЛЕ ДА ГИ ПРИКРИЈАТ - Царина со шест кривични пријави до ОЈО
Поднесени се уште шест кривични пријави за девет лица до Основното јавно обвинителство заради вршење криминални дела со употребувани возила, при што е нанесена директна штета врз Буџетот од 635.827 денари.
Ова денеска го соопштија од Царинската управа, при што беше објавено дека во еден случај бил вмешан и царински службеник за кој е изготвено отказно решение.
Случаите се дел од предкривичните постапки на Секторот за контрола и истраги при Царинската управа за криминални дела со употребувани возила.
- Во предкривичните постапки инспекторите уште во еден случај утврдија најгрубо кршење на законските прописи при што возач, увозник и царински службеник се сомничат за внес на товарно моторно возило во државата при што за истото е избегнато плаќање увозни давачки со што е нанесена директна штета врз Буџетот од 256 илјади денари. Во овој случај возилото е одземено, а против сторителите е поднесена кривична пријава и тоа по два основи, кривично дело царинска измама и кривично дело фалсификување исправи. Против царинскиот службеник е изготвено отказно решение - се наведува во соопштението.
Кривична пријава заради царинска измама и фалсификување исправа е поднесена и до правно и одговорно лице на фирма за сторено кривично дело царинска измама и фалсификување исправа. Во овој случај станува збор за кривични дела заради плаќање пониски увозни давачки.
- Сторителите при увоз на товарно моторно возило при царинење на возилото поднеле фалсификувана исправа за преференцијално потекло на стоката со цел истата да биде ослободена од плаќање царина. Ова е утврдено, се додава во соопштението, по извршена верификација на приложениот доказ за потекло на стоката со царински орган на земја членка на ЕУ, по што изготвено е решение со кое увозникот се задолжува да плати износ од 236.241 денар.
Во останатите четири случаи Секторот за контрола и истраги поднел кривични пријави за четири лица заради основано сомнение фалсификување исправи со цел плаќање помали увозни давачки при увоз на глисери и возило со што е нанесена директна штета врз Буџетот во висина од 143.453 денари - се појаснува во соопштението.
Фото: Царинска управа
