Увезени ГМО производи: Знаеме ли каква храна конзумираме?
Откако вчера Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во маркети низ земјата открила мелено месо за ќебапи и плескавици со пилешко кое било декларирано како свинско, говедско или мешано (говедско и свинско), сега е откриено дека се увезени два генетски модифицирани производа, ориз и соини шницли и трошки без истите да бидат декларирани.
Во првичната анализа генетски модификации бие утврдени и кај пченката за пуканки. Додека пак, втората, суперанализа, направена во референтна лабораторија, била негативна.
Пченката за пуканки е од Аргентина, соините шницли и трошки се од Србија, а оризот е произведен од увезено генетски модифицирано семе. Сите се најдени во магацини на оператори со храна и не биле пуштени во малопродажба, освен дел од соините трошки и шницли кои се веќе повлечени и се под официјален надзор.
Македонија се уште не дозволува увоз на храна со ГМО или генетски модифицирани производи, а 550 килограми ориз кој бил најден во магацин, наскоро ќе биде уништен. На операторот со храна му е изречена парична казна, 5.000 евра во денарска противвредност за субјектот и 1.700 евра за одговорното лице.
