Утврден е идентитетот и на третата жртва од автобуската несреќа кај Лесковац
Полицијата во соработка со роднините го потврди идентитетот и на третата жртва од автобуската несреќа кojа се случи во Србија. Се работи за 63 годишна жена од Кавадарци. Претходно беа идентификувани и другите двајца загинати, при што се работеше за повозрасна жена од Кочани и маж од селото Бучин. Во соработка со македонската амбасада во Србија, властите ќе го утврдат протоколот за транспорт на починатите откако ќе го завршат обдукцискиот наод.
Од вкупно 32 повредени, 6 лица се во клиничкиот центар во Ниш а 8 во болницата во Лесковац. Од патниците кои поминаа со полесни повреди, дел се вратија во Македонија, дел доцна вечерта продолжија кон Виена.
Во струшкиот ЕУРО БУС се превезуваа патници од повеќе градови во Македонија. Претежно возрасни лица и две мали деца од кои повеќето работеле и живееле во Австрија, но имаше и такви кои тргнале во посета на свои роднини во Виена. Несреќата се случи на автопатот кај Лесковац доцна по полноќ во саботата. Автобусот возел во тешки снежни услови на подмрзнат коловоз по што излетал и се превртел неколку пати. Патниците се за кратко време извадени од автобусот благодарение на брзата интервенција на службите од Лесковац и Ниш.
Обвинителството од Лесковац одреди 48 часа притвор за возачот на автобусот. Поради повредите со кои се здобил во несреќата тој се уште е во болница под полициско обезбедување. Обвинителот веќе извршил разговор со него но детали се уште не соопштуваат.фото Курир.рс
