Утрово смрзнувачка, температури длабоко под нула - Еве каде има најмногу снег
Во Македонија температурите сеуште под нулата. Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено со локални врнежи од снег со слаб до умерен интензитет, особено возападните и јужните делови, информираат од управата за хидрометеоролошки работи. Во текот на денот ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Најстудено изутринава е во Маврово со минус 10 степени, а во Скопје се измерени минус осум. Негативни температури има во цела Македонија, како и снежна покривка.
Најмногу снег има во Маврово 90 сантиметри, во Крушево висината на снежната поктивка е 50 сантиметри, Тетово 28, Охрид 26, а 20 сантиметри во Скопје, Битола и Гевгелија.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремен снег рано претпладне како и во вечерните часови. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Температурата од минус шест до еден степен.
До четврток ќе биде променливо облачно и студено со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет, претежно во западните и источните делови. Температурите ќе бидат значително под просекот за овој период од годината, а најстудено ќе биде во четврток кога утринската температура на повеќе места ќе се спушти под -10 степени. Во петок ќе има врнежи од дожд и снег, а позначително затоплување со локални врнежи од дожд ќе има за време на викендот.
