УТРОВО НОВИ ДОЈАВИ ЗА БОМБИ, заканата испратена во четири средни училишта
Утрово повторно со нови закани за поставени бомби во средните училишта во Скопје. Веќе седми пат пристигнуваат дојави за подметнати бомби во копските училишта. И денеска, како и вчера, за разлика од минатите дојави, заканите пристигнуваат порано, па веќе се празнат училниците до ученици.
До „Фактор“ пристигна информација дека се празни училиштето Раде Јовчевски Корчагин во центарот на градот. Надлежните веднаш пристапија кон евакуација на средношколците, а на терен пристигнаа и екипите на полицијата.
Фотографиите кои пристигнаа до „Фактор“ покажуваат како средношколците го напуштаат училиштето Раде Јовчевски Корчагин.
- Денеска во СВР Скопје околу 9.30 часот е пријавено дека на електронската адреса на четири училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот - објаснуваат од МВР за „Фактор“.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера зборуваше за лажните дојави за бомби и ги оцени лажните дојави за бомби како монструозен чин на хибридни закани и потенцираше дека многу е важен брз и ефикасен одговор на државата со своите партнери.
- Ние ги започнавме опсежно сите истраги во овој дел, вклучени се сите институции коишто се грижат за националната безбедност и, секако, нашите меѓународни партнери. Во неколку правци одат истрагите. Имаме веќе добри сознанија од каде доаѓаат мејловите, на кој начин се испраќаат итн. Секако дека ќе ни треба и меѓународна правна помош за да можеме да ги потврдиме доказите и тоа е клучно кај вакви хибридни напади - да се обезбедат доказите - истакна министерот Спасовски.
Тој потенцираше дека полицијата мора да постапува по строго утврдени протоколи, да ги следи сите можни насоки кон кои води истрагата и во таа насока досега имаше приведени и две лица за кои се утврди дека нивните податоци и адреси биле злоупотребени, по што беа ослободени, појасни Спасовски, додавајќи: „Кога имате индиции тие мора да се испитаат, без разлика која е таа личност, на каква позиција се наоѓа, какви политички, верски и други убедувања има. Тоа е ирелевантно кога станува збор за истрага и кога се работи за безбедноста“.
За справување со хибридните закани и сајбер криминалот којшто зема замав и на глобално ниво, министерот Спасовски образложи дека веќе со години преку донесување на Стратегијата за борба со сајбер криминалот, која е во процес и на усогласување со НАТО стандардите, веќе имаме силна основа за ефикасна борба со овој вид криминал кој постојано се усовршува со развојот на информациските технологии.
П.О.
