Утрото ми почнува со поглед кон вулканот кој лани неколкупати еруптираше и е одалечен од мојот дом само 20 километри: Љупка Тепева за животот во Исланд
Родена сум во Велес – еден мал град во срцето на Македонија. Пред 14 години го спакував животот во куфер и тргнав кон нова иднина – далечната Шведска. Оставив сѐ познато зад себе со надеж за подобра иднина, со неизвесност и трепет, но и со срце полно со сон. Вака Љупка Тепева ја почнува својата животна приказна, која ја испишувала со чекори полни со емоции, почетоци и завршетоци. Но, секој ден ја потсетува дека иако патот не е секогаш лесен, вреди да се изоди.

- Во Шведска поминав десет години – доволно долго за да го изградам својот нов живот, да се соочам со културолошки разлики, студени зими, нов јазик, но и да го најдам својот мир. Таму го запознав и мојот сопруг – Исланѓанец со топло срце и љубов кон природата, исто како мене. Нашата љубов не познаваше граници, па тој се пресели кај мене во Шведска. Со доаѓањето на нашиот син, сфативме дека е време за нова етапа – заеднички живот во неговата родна земја – Исланд.– открива Тепева.

Исланд ја опишува како е земја каква што не постои на друго место. Сурова, но прекрасна. Мирна, но полна со енергија.
- Тука се среќаваат мраз и оган, водопади и гејзери, бескрајни полиња од лава и најневеројатни глетки кои ти го запираат здивот. Ние живееме на само 20 километри од вулканите што минатата година неколкупати еруптираа – вистинско потсетување колку е силна и жива природата овде. Утрото знае да започне тивко, со шолја кафе во рака, седната во дворот, со поглед насочен кон вулканот. Тоа чувство е невозможно да се опише – истовремено мир и восхит, стравопочит и благодарност што сум токму тука.- вели таа и дополнувадека животот како дојденец во Исланд носи свои предизвици.

- Јазичната бариера знае да биде огромна, особено кога станува збор за администрација или здравство. Климатските услови не се лесни – долги зими, честа темнина, студ и ветер кој продира до коска. Културните разлики понекогаш знаат да создадат чувство на изолираност. Потребна е истрајност, адаптација и отвореност за да се вклопиш во ова општество. Работа, генерално, лесно се наоѓа – Исланѓаните се отворени за трудољубиви луѓе и системот е добро организиран. Но, кога станува збор за сместување, особено ако изнајмуваш, работите стануваат комплицирани. Понудата на станови е мала, цените се високи, а конкуренцијата е огромна. Понекогаш треба многу трпение и среќа за да најдеш нешто пристојно и стабилно. Тоа е еден од најчестите предизвици со кои се соочуваат доселениците овде. – посочува Тепева.
Целиот текст на Женски магазин