Утре се одбележуваат две години од поплавите во Скопско
Утре главниот град ќе одбележи две години од невремето што предизвика поплави во кои загинаа 22 лица, кога на 6 август 2016, скопскиот регион беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер.
Жртвите од невремето беа во реоните на селата Сингелиќ, Смилковци, Стајковци и Арачиново. Во текот на 24 часа во Скопје наврнаа 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето регистрирани беа над 800 громови.
Речиси илјада жители беа евакуирани во текот на ноќта на 6 август, а од невремето голем број домови останаа без електрична енергија.
Граѓаните од целата држава во соработка со Црвениот крст, Кризниот штаб и надлежните институции собираа најнеопходната помош за настраданите, а 8 август 2016 беше прогласен за Ден на жалост во Република Македонија.
УХМР во извештаите по невремето информираше дека на Зајчев рид - главната метеоролошка станица во Скопје, бил забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи од 84,5 милиметри.
„Своевиден метеоролошки феномен кој опстојувал неколку часа со континуирано регенерирање и формирање олујни жаришта, иако според патеката на движење прогнозата покажувала дека треба да помине во краток рок. Рекордниот интензитет на невремето што ја зафати Скопската котлина е со веројатност на појавување од 0,1 отсто или еднаш во илјада години“, стоеше во сопштението на Управата за хидрометеоролошки работи.
