Утре протест на вработените во шест министерства, за министерот Минчев нивните барања се преголеми
Утре вработените од министерствата за култура, животна средина, европски прашања, дигитална трансформација, транспорт и врски, економија и труд, како и вработените од Државниот завод за статистика ќе излезат на протест со барање да им се исплаќа додаток на плата од 30 отсто.
„Барањата се потпишување на колективен договор, со којшто вработените ќе имаат 30 проценти додаток на плата“, изјави претходно лидерот на СОјузот на синдикати на Македонија, Трпе Деановски.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес рече дека протестот е демократско право, но нагласи дека побаруваната сума е преголема. Решавањето на прашањето за зголемување на платите зависи, како што рече министерот, од достапните средства што Министерството за финансии може да ги обезбеди.
„Не може преку ноќ да се надминат проблеми кои се таложеле 30 години,“ рече тој, посочувајќи дека во буџетот има „огромни дупки.“
Министерот призна дека само 30-40% од административците ја извршуваат својата работа, додека во некои институции има дефицит од кадар, а во други – превработеност.
Минчев најави дека во некои институции ќе се спроведат преедукации за вработените со цел подобра ефикасност.
Пред неколку дена на протест излегоа вработените во Државното правобранителство кои бараат да биде потпишан колективен договор во кој ќе бидат предвидени додатоци на плата во висина од 30 проценти
