Економија, финансии, бизнис

Контакт

Утре почнува светиот месец Рамазан

Утре почнува светиот месец Рамазан

Од утре муслиманите во целиот свет го започнуваат светиот месец Рамазан. Годинава ќе се пости 29 дена, до 3 јуни. На 4 јуни ќе се слави Фитр Бајрам.

Рамазан е деветтиот месец во исламскиот календар. Голем дел од верниците финишираат со подготовките за овој месец.

Постењето е верска обврска за секој полнолетен, здрав муслимански верник, но не е обврзувачки за стари и болни лица.

Претседателот на Собранието Талат Џафери лично и од името на пратениците упати честитка до сите граѓани, припадници на исламската вероисповед за кои од денеска започнува светиот месец Рамазан.

„Светиот месец Рамазан, е месецот во кој се практикува постот, молитвата, споделувањето на храната и убавиот збор, месецот во кој се обединуваат семејствата, соседите, пријателите, се среќаваат и запознаваат познати и непознати, се споделуваат со нив желби за добро здравје, мир и спокој во умот и душата, среќа и благосостојба во домот и за сите луѓе. Нека духот на овој месец со сета негова солидарност биде драг гостин во секој дом, нека ги облагороди срцата со убави мисли на почит и љубов кон блиските и кон сите луѓе, знајни и незнајни. Бидејќи, не смееме да заборавиме дека сме сите пред сѐ луѓе, потребни сме си едни на други, за со заеднички сили да градиме среќно, напредно и успешно демократско општество во кое секој ќе има достоинствен живот, ќе биде почитуван и вреден дел од мозаикот“, стои во честитката упатена од Џафери.

Џафери, како што стои во честитката, им посакува на сите добро здравје, благосостојба и духовен мир, а бидејќи Рамазан е и месец на физичкото и менталното искушение, се подвлекува, нека биде со лесно и со убаво за сите кои ќе постат, а сите останати да имаат разбирање кон сограѓаните.

Слично

Поврзани вести