Утре ќе се гласа на референдум во Дојран
Утре во Дојран ќе се одржи референдум на кој граѓаните ќе треба да се изјаснат дали се согласуваат водоводот да се даде на јавно – приватно партнерство.
“Дали сте за или против доделување на договор за јавно – приватно партнерство за услугите, снабдување со вода за пиење, одведување на урбани отпадни води и третман на урбаните отпадни води во општина Дојран“, гласи референдумското прашање.
Како што стои во образложението за распишаниот референдум, целта е граѓаните да одлучат дали се согласуваат на склучување на ваков договор. Одлуката од референдумот е задолжителна, а за референдумот да биде успешен треба да гласаат 50 отсто плус 1 граѓанин запишани во избирачкиот список на Општина Дојран.
„Доколку на референдумот граѓаните се изјаснат против по референдумското прашање, да се склучи договор за јавно приватно партнерство, Советот ќе го извести Градоначалникот на Општина Дојран и надлежните органи за поништување на веќе започнатите и идните постапки за доделување договор за јавно приватно партнерство“, стои во еден од членовите на одлуката за распишување референдум.
Советот на општина Дојран на седница одржана на 30 декември 2019-та година донесе одлука за започнување постапка за доделување договор за воспоставување на јавно – приватно партнерство за финансирање, проектирање, стопанисување, одржување, изградба, реконструкција и обнова на системот за водоснабдување и третман на отпадни води во општина Дојран, а паралелно со оваа одлука распиша и референдум на кој граѓаните треба да се изјаснат по ова прашање.
