УТРЕ ЌЕ ПОТПИШАТ ДОГОВОР ЗА ДЕЛО: Владата одобри да се ангажираат двајца пензионирани пилоти за Ер трактори
Владата денеска одобри да се ангажираат двајца пензионирани пилоти за Ер трактори.
Владата на денешната седница даде согласност Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) да ангажира двајцата пензионирани пилоти на Ер трактори, соопшти Центарот за управување со кризи. Како што соопшти ЦУК, утре рано претпладне, пилотите ќе потпишат договор за дело.
„Веднаш потоа Агенцијата за цивилно воздухопловство ќе ја тргне забраната за летање и Ер тракторите на ДЗС ќе може да полетаат кон пожарот на планината Серта (Конечка планина), а по потреба и кон кој било друг приоритетен пожар за гаснење“, наведува ЦУК.
Активен е пожарот на Серта во Неготинско. Тој избувна вчера околу 10.30 часот. За вечерва во 22 часот е закажан нов состанок на неготинскиот Штаб за заштита и спасување, формиран синоќа на вонредна седница на Советот на општината.
ЦУК информира дека имаше 17 пожари на отворено во последното деноноќие, 14 се изгаснати.
