Утре ќе бидат претставени шестте еколошки автобуси на ЈСП, донација од ЕУ
Министерството за животна средина за утре најави промотивниот настан за примопредавање на шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас, донација од ЕУ преку проектот „ЕУ за чист воздух“.
Автобусите се наменети за возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) на Град Скопје. Ќе присуствуваат министерот Изет Меџити, евроамбасадорот Михалис Рокас и градоначалничката Данела Арсовска.
„Овие автобуси претставуваат значаен чекор во патот кон намалување на емисиите, подобрување на квалитетот на воздухот и промовирање на одржлива урбана мобилност во Градот Скопје“, објавија од Министерството.
Шесте еколошки автобуси се резултат на проектот на кој Град Скопје аплицираше до ЕУ, на кој веќе 2 години активно работи секторот за меѓународна соработка, а набавката ја реализира УНОПС.
Хаосот со јавниот превоз трае веќе две години, кога приватните превозници протестираа со блокирање на главните булевари на главниот град откако тврдеа дека Град Скопје не им ги исплатил парите според договорот. Проблемот кулминираше во четвртокот кога повеќето автобуси останаа паркирани поради недостиг на нафта.
