Уставниот суд укина минатогодишен референдум против кампови за бегалци кои никаде не беа видени
Уставниот суд на Македонија едногласно потврди дека
локалните самоуправи, односно општините, не можат на локално ниво да
организираат референдуми против изградба на бегалски кампови, затоа што тоа се
коси со нивните надлежности.
Иницијативата за докажување беше на Државниот инспекторат за локална самоуправа од Скопје, поднесена во март во 2018-та, откако истиот орган на централната власт пред одржувањето на ланските есенски локални избори ја запре можноста за изјаснување на граѓаните во однос на поставеното референдумско прашање така што ја спречи Одлуката за распишување и спроведување на референдум од страна на општина Радовиш.
Одлуката општина Радовиш ја донесе на 4 септември 2017 за референдум против поставување на наводните бегалски кампови на територијата на локалната самоуправа од страна на централната власт, а истиот беше предвиден да се одржи на денот на локалните избори - 15 октомври 2017-та.
Општина Радовиш референдумот го распиша наводно поради негодување на граѓаните на преземените активности на Владата на РМ за наводно донесување на Стратегија за интеграција на бегалци и странци во Македонија во периодот од 2017-2027 во која се предвидува изградба на кампови, домови за сместување, образование и вработување.
Беше евидентно дека бегалците, главно од Сирија, не емигрираа масовно во тој период од годината, а оваа година во текот на летото најавена е нова рута која ќе оди преку Албанија.
Во тој период градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ доминираа по бројност во локалните самоуправи, а пред локалните избори се собираа потписи за референдуми од таков тип. Политичката слика се промени по локалните избори со доминантен број на победи на градоначалници од редовите на владеачката партија.
