Економија, финансии, бизнис

Контакт

Уставен суд со остра реакција до партиите: Да престанат со политички притисоци и дневнополитички пресметки

Уставен суд со остра реакција до партиите: Да престанат со политички притисоци и дневнополитички пресметки

Уставниот суд упати реакција до политичките партии, повикувајќи ги да престанат да ја користат институцијата за дневнополитички пресметки и да се воздржат од, како што наведуваат, притисоци и обиди за дискредитација на работата на Судот.

Повод за реакцијата се јавните политички полемики поврзани со последните активности и одлуки на Уставниот суд. Од институцијата оценуваат дека во изминатиот период се забележуваат обиди за „груба партизација и политизација“ на нејзиното работење.

Според Судот, дел од меѓународните активности и институционалната соработка биле ставени во дневнополитички контекст, со цел, како што посочуваат, стекнување политички поени.

Од Уставниот суд нагласуваат дека меѓународната соработка е една од нивните стратешки определби и потсетуваат дека во текот на оваа година се потпишани меморандуми за соработка со уставните судови на Косово, Египет и Србија. Дополнително, Судот претседава и со Балканскиот форум на уставни судови.

Во своето обраќање до политичките чинители, Уставниот суд порача дека нема да подлегне на политички влијанија и притисоци, повикувајќи на поголема уставна и политичка култура.

Од институцијата реагираат и на квалификациите дека нивните одлуки се „неуставни“ или „незаконски“, нагласувајќи дека согласно член 112 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни, извршни и задолжителни за сите.

„Политичките разлики не треба да се решаваат преку институциите чија основна задача е заштита на уставниот поредок и владеењето на правото“, порачуваат од Судот.

Оттаму додаваат дека независноста и кредибилитетот на Уставниот суд треба да бидат заеднички интерес на сите општествени чинители, без оглед на политичките разлики.


Слично

Поврзани вести