Уставен суд до пензионерите што протестираа: Одлуката не е донесена
Уставниот суд денеска, слично како што тоа го направи како реакција на коментарите на премиерот Христијан Мицкоски, им порача на пензионерите што протестираа пред нивната зграда дека линеарното зголемување на пензиите сè уште не е укинато и нема донесена конечна одлука за спорниот член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Пензионери од целата држава кои се за линеарно зголемување на пензиите денеска се собраа пред Уставен Суд во Скопје, со цел како што велат, да продолжи линеарното пресметување на пензиите, наместо процентуалното.
Од Судот потсетуваат дека на 24. седница одржана на 19 ноември изразиле сомнеж за уставноста на членот 2 – одредбата што го воведе линеарното покачување од 1.000 денари – и отвориле постапка. Но, тоа е само прва фаза. Во втората, која е во тек, Уставен собира мислења од Собранието и од Владата, по што дури ќе се подготви и стави на дневен ред предлог-одлука. Дури тогаш, на нова седница, судиите ќе гласаат за конечна одлука. До тој момент, законската одредба формално е на сила.
Претседателот на иницијативниот одбор, Зоран Трајков, пред собраните повтори дека нивната борба е за „корка леб и лекови“, предупредувајќи дека со чисто процентуален модел најсиромашните повторно ќе останат со покачувања од по неколку стотини денари.
