Условени преговори за Македонија во јуни 2019, Хан со порака на Твитер
Можно е условно отворање на преговори во јуни 2019 година под четири услови: спроведување на итните реформски приоритети, спроведување на договорот за името, позитивен извештај на Европската Комисија и одлука на Советот на ЕУ.
Отворање на преговорите за Македонија е условено и со постигнување напредок во реформите.
Доколку се исполнат условите првата меѓувладина конференција би почнала пред крајот на 2019.
Состанокот утрово започна со точката за проширувањето. Секоја земја го изложила својот став.
Пред почетокот на состанокот на Советот за општи работи во Луксембург, неколку министри ги најавија своите стартни позиции.
Холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок, изјави дека за неговата е земја е важно да види доказ дека реформите се имплементираат на одржлив начин и дека за тоа е потребно време.
Германскиот министер за Европа, Михаил Ротпред состанокот изјави дека Берлин е подготвен да даде зелено светло за почеток на преговорите со Македонија и Албанија.
- Германската Влада е подготвена да ги поддржи Македонија и Албанија на нивниот пат кон ЕУ. Подготвени сме да дадеме зелено светло и би сакал да ги охрабрам и нашите пријатели во Холандија и Франција да ни се придружат, рече Рот.
Европскиот комесар за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, попладнево на Твитер изрази задовоство што Албанија и Македонија сепак ќе започнат пристапни преговори за членство во Унијата во јуни 2019 година.
- Драго ми е што Европскиот совет го осветли патот кон прошитувањето, особено за Албанија и идната Северна Македонија, после долга дебата. Патот кон отворањето на пристапните преговори во јуни 2019 е јасен. Клучен сигнал за регионот дека прогресот е награден, и круцијален за кредибилитетот на ЕУ, напиша Хан на Твитер.

