УШТЕ САМО ОСУМ ПАЦИЕНТИ СЕ ЛЕКУВААТ ОД КОВИД ВО ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“: 300 пациенти успешно тргнати од респиратор, но урнавме и неславни бројки-директорот Костов за Фактор
Овие денови во
Градската општа болница „8 Септември“ се надеваат дека ги лекуваат последните
хоспитализирани пациенти поради компликации од корона вирусот. Велат дека
хоспитализирани се само уште осум на Одделението за интензивна нега и секако се
надеваат на нивно успешно излекување. Во разговор за Фактор, директорот на оваа
здреавствена институција, д-р Христијан Костов посочува дека пред скоро две
недели, односно точно на 18. март одблежале неславен двегодишен јубилеј.
-Тоа е денот, кога точно пред две години, ГОБ „8 Септември“ со официјален документ од Владата стана најголемата здравствена институција во која се хоспитализираа најтешко болните пациенти поради тешки компликации од Ковид-19. Сега имаме само уште осум пациенти кои се згрижени на Интензивната нега. Сите се зависни од кислород, но за среќа ниту еден немаме на респираторен апарат. Двајца од пациените кои лежат се вакцинирани со две дози, но останатите немаат примено вакцина против ковид-19. За време на целиот период, особено кога беа пиковите на Ковид пандемијата во нашата држава, секоја вечер во болницата пристигнуваа од 15 до 20 пациенти со пневмонии, кои биле потенцијални носители на вирусот. Најстрашното од се е тоа што во болницата ГОБ „8 ми септември” се носат пациентите со најтешка клиничка слика, од кои дел завршуваа на респиратор, а додека дел се на кислородна поддршка со силен проток. Голем дел од приказните имаа среќен крај, но, некои за жал завршија оставајќи болка и тага, бидејќи ниту лекарите, ниту медицинските сестри немаат волшебна моќ да се изборат за сечиј живот, потенцира д-р Костов.
Осврнувајќи се на статистичките податоци, директорот нагласува дека за две години во болницата уривале неславни бројки и во однос на хоспитализаци и во однос на прегледи.
-Велам неславни бидејќи бележиме дури 36 000 прегледи во трите инфективни амбуланти и во тријажниот центар на пациенти позитивни на Ковид-19 или суспектни на вирусот. Во сите изминати месеци имавме 7000 хоспитализирани Ковид позитивни пациенти. Околу 300 пациенти заразени со Ковид 19, кои биле со екстремно тешка клиничка слика со сатурација под 60 отсто кислород во крвта се тргнати од респиратор во Градската болница „8 Септември“. Статистиките со кои рсполагаме, уште покажуваат дека само во старата Воена болница се направени 17 600 биохемиски анализи на Ковид пациенти и 21 100 крвни анализи на Трансфузиологија (хемостаза со Д Димери). Исто така, за целиот овој период додека болницата е ковид центар се направени и 550 коронографии, поставени 320 стентови, 130 инфаркти кај Ковид позитивни пациенти од кои 72 се стентирани и 4 пејсмејкери поставени. РТГ дијагностика на Ковид позитивни пациенти: 14022 рентген снимања на бели дробови. КТ на бели дробови со контрас кај 283 Ковид пациенти. Дијализирани Ковид позитивни пациенти 337. Оперирани Ковид позитивни пациенти 154, од нив 80 ортопедски интервенции, 74 други општи хируршки интервенции. Физикална терапија спроведена кај 865 Ковид поз пациенти. Интервентни радиолошки процедури кај 30 Ковид позитивни пациенти, прецизно посочува директорот Костов.
Во разговорот уверува дека ГОБ „8 Септември“ е институција со силен здравствен капацитет и дека секогаш е подготвена да ги даде сите здравствени услуги и во најтешките моменти.
-Граѓаните во Македонија треба да се горди што постои здравствена институција каква што е ГОБ „8 Септември“. Оваа институција распоага со неверојатен капацитет, најсовремена апаратура и целосно подготвен, вистински професионален технички и медицински кадар. Тоа е врвно обучен кадар, кој макотрпно и пожртвувано се бореше и се уште се борат за секој човечки живот во целот овој изминат период од 24 месеци, откако го доби решението на 18 Март 2020 година за прва Ковид болница во државата. Овде во болницата за кратко време може да се направи комплетен дијагностички и терапевтски третман, било да е хируршки или интернистички и тоа во чекор со најсовремените медицински достигнувања, а тоа е суштината на успешноста, нагласува директорот Костов.
Анита Буховски
