УШТЕ ОД ПРВИОТ ДЕН БЕВ ЦЕЛОСНО ВОСХИТЕН ОД СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, НЕЈЗИНИТЕ ПЕЈСАЖИ, КУЛТУРА... - еве што друго открива евроамбасадорот Гир
Нешто повеќе од две години ја врши должноста на шеф на Делегацијата на ЕУ во РСМ, поточно од септември 2020-та. Уште од самото доаѓање во земјава, буквално од првиот ден им се восхитува на историјата, луѓето од кои вели дека научил доста, мултикултурата, пејсажите, храната. Но сепак не може да замижи пред загадувањето, и на водата и на воздухот и на почвата, непочитувањето на животната средина и секако, неконтролираното градење на згради, особено во Скопје каде што се чини дека на околината не ѝ се обраќа внимание, односно ја игнорира. Дури и пред да биде назначен за евроамбасадор тука во Македонија, кариерниот развој на Дејвид Гир е навистина импресивен - работел како адвокат, се занимавал со заштита на човековите права (директорувал со меѓународна организација), поголемиот дел од 1990-тите го поминал во земјите на поранешниот Советски Сојуз, меѓу нив и Грузија и Ерменија, бил и во тимот кој го спроведува иранскиот нуклеран договор... Без оглед на сериозните проблеми со кои се соочува државава, шефот на Делегацијата на ЕУ е оптимистичен кога во прашање се македонските евроинтеграции, а одговорноста е на владата, секако. Но и на другите, заеднички.
Интервјуто, разговорот со него колегите од Машки магазин го направивја само неколку дена пред заминувањето во Кентербери, Обединетото Кралство каде што пораснал и секако, во родната земја - Белгија за божиќните и новогодишните празници да ги прослави со блиските роднини, пријатели. Неминовно ги опфативме и темите врзани со нив, уживањето во доброто вино, убавиот ручек..., за луксузот. Но сепак, интегрирањето на РСМ во ЕУ некако се чини дека е водечко бидејќи тоа нѐ засега буквално сите, најмногу од сѐ.
ММ: Крајот на годината обично е ретроспективен, оттаму и прашањето - по што ќе ја паметите 2022-ра генерално? И се разбира, како ќе ја оцените работата на Делегацијата на ЕУ во земјава, имајќи ги предвид големите предизвици и тука и во светот?
Гир: Се наоѓаме на крајот на една година која ја одбележаа огромни предизвици и за Европа и глобално. Видовме нешто што само до минатата година беше незамисливо - војна на европско тло, предизвикана од неиспровоцираната и неоправдана воена агресија на Русија против Украина. И сите ние го почувствувавме и продолжуваме да го чувствуваме влијанието на војната со зголемените цени на енергијата и проблемите во безбедноста на снабдувањето. Но, ние во ЕУ заедно со меѓународните партнери се соочивме со овој предизвик со единство и решителност. Од своја страна, Северна Македонија покажа вистинско лидерство во нејзината поддршка за Украина, вклучително и со целосно усогласување со санкциите на ЕУ насочени кон оние во Русија кои се одговорни за војната.
За Северна Македонија и ЕУ оваа година имаше уште еден голем предизвик, тоа беше конечното отворање на пристапните преговори. И тоа успеавме да го постигнеме во јули. Да, овој голем пробив дојде по тежок компромис. Но, стави крај на 17-годишното чекање и го отвори патот на Северна Македонија кон членство во ЕУ.
Земјата исто така успеа да го потпише договорот со Фронтекс - првиот договор меѓу Северна Македонија и ЕУ, потпишан и преведен на македонски јазик и на сите 24 јазици на ЕУ при што сите јазични верзии се подеднакво валидни. Овој договор, кој беше потпишан како директна последица на пробивот во јули, предвидува подобрена безбедност на границите на Северна Македонија.
Овие достигнувања се резултат на постојаните напори на Северна Македонија и сите нас во ЕУ, вклучително и во Делегацијата на ЕУ.
Среќен сум и што ЕУ беше првиот партнер кој дојде со значителна поддршка за земјата во услови на енергетска криза. Исплатата на околу 80 милиони евра за буџетска поддршка ќе се случи веќе во јануари. Можеме да очекуваме и повеќе во иднина.
ММ: Каква е Вашата досегашна импресија од престојот во земјава, од неа и македонскиот народ, без оглед на фактот дека во Македонија дојдовте за време на вирусната пандемија, во нејзиниот ек? Што Ви се допаѓа особено? Стекнавте пријатели? Ќе се пожалите на нешто - можеби на загадувањето, нечистотијата...?
Гир: Уште од првиот ден бев целосно восхитен од Северна Македонија, нејзините пејзажи, историја, различни култури, нејзината храна и секако, луѓето што ги запознав.
Тука има голем број извонредни луѓе од кои научив многу. Претпоставувам дека квалитетите што најмногу ги ценам се фактот дека луѓето одвојуваат време за нас и во најголем дел се отворени за дискусија. Секако, имаше неколку тешки моменти. И луѓето секако не се плашат да го кажат своето мислење. Како што секогаш велам, наидувам на млади луѓе кои се особено инспиративни во нивната решеност да донесат позитивни промени.
Работите кои се најфрустрирачки се,да - загадувањето на воздухот, водата и почвата и широко распространетото непочитување на животната средина. Ова може да се поправи. Но, тоа бара сите да се здружат за животот да го направат подобар. Едноставно не е во ред што неколку месеци во годината во Скопје треба да размислувате дали излегувањето надвор може да ви наштети поради лошиот квалитет на воздухот што го дишеме. Истото важи и за другите градови како Битола, Куманово, Кичево итн.
Но, постои и фактот дека многу луѓе не ги гледаат извонредните работи што им се пред очи. Толку многу убави, историски или, на друг начин, исконски парчиња од културното, природното и историското наследство се оставени занемарени, додека многу нови градби честопати се застрашувачки, не одговараат на потребите на луѓето и се лошо изведени.
Во однос на прашањето за изградбата, често има недостаток на имагинација во новите згради. Ова е чудно со оглед на тоа што има толку многу прекрасни примери на инспиративна модерна архитектура низ Европа. А и во Скопје, само помислете на ГТЦ, МКЦ, зградата на МАНУ или НОБ.
Премногу често се градат згради, особено во Скопје, кои изгледаат како да ја игнорираат околината. Тие го заземаат целото земјиште на кое се изградени, не оставајќи зеленило на улицата да дише и се чини дека немаат никаква врска со пошироката заедница. Сметам дека меѓусебната врска меѓу приватниот и јавниот простор е од витално значење за успешен град. Приватното секогаш треба да го почитува јавното, подобрувајќи го, а не намалувајќи го. На крајот на краиштата, тоа е значењето на зборот „град“, кој е извлечен од латинскиот „civitas“, што значи заедница или сите членови на една држава, кои живеат заедно.
Повеќе од интервјуто на Машки магазин