Економија, финансии, бизнис

Контакт

УШТЕ МНОГУ ТРЕБА ДА УЧИМЕ ОД ЕВРОПА: Без добра инфраструктура нема напредок во туризмот

УШТЕ МНОГУ ТРЕБА ДА УЧИМЕ ОД ЕВРОПА: Без добра инфраструктура нема напредок во туризмот

Ни требаат добри сообраќајни врски, прецизен возен ред кој ќе биде достапен на интернет и преку кој странците ќе можат да се информираат како најбрзо и најлесно да стигнат од еден до друг град во земјава. Сепак, дел од македонските градови кои се промовираат како места со туристички потенцијал дневно имаат само по една автобуска линија од Скопје.

На полето на туризмот имаме уште многу да учиме и треба уште многу да направиме. Ова го тврдат луѓето кои долги години се  инволвирани во секторот туризам и сметаат дека сме далеку од европските земји.  Во Македонија најчести гости се соседите и турските државјани, но тука не треба да застанеме, туку треба да грабаме напред. За да зборуваме за функционален туризам пред сè треба да имаме стратешко просторно планирање  и развој на  инфраструктурна поврзаност.

„Неодамна се вратив од мое работно патување во Португалија и тоа во северниот дел  кој што не е подложен на масовен туризам,  но има излез на океан. Сè е ставено во функција на опоравување на туризмот и тоа успешно. Сите концепти и форми функционираат од сурферски туризам, МICE туризмот до културно историски знаменитости. Инфраструктурно поврзаноста е планска и стратешка  со сите превозни средства и достапни точни возни редови. Едноставно  Вие можете да имате конекција од аеродромот во Порто до најсеверната  дестинација на државата и да посетите во исти ден повеќе населени места и атракции без проблем, што не е случај и кај нас. За жал, во Македонија  сè уште е проблем да најдете поврзаност  со обична  патна структура  за да дојдете  до одредена дестинација“, објаснува Биљана Пејоска Ристеска, дипломиран организатор по туризам и угостителство  со долгогодишно искуство во областа туризам, ИООТ-Скопје -Невладин сектор.

Вели дека пристапот кон туризмот како дејност кај нас е крајно несериозен од страна на институциите и загрижувачки како во делот на функционирање на законите и законските акти така и во делот на поставување на стратешките долгорочни цели. Објаснува дека нема стратегија за туризам  како појдовен документ  долгорочно за период од  10 или 15 година со периодични и годишни  планови  на исполнување, нема Сателитска туристичка сметка како инструмент за економско мерење на туризмот.

„Тоа е меѓународен  стандард за систематско резиме на туристичките движења во националната економска активност, од функционална перспектива. Затоа треба науката да се стави повеќе во функција на оваа дејност  во корелација со практиката“, вели Пејоска Ристеска.

Додава дека европските земји брзо се опоравија од шокот што го предизвика пандемијата на коронавирусот, додека ние каскаме.

„Доколку  знаеме дека  глобално, опоравувањето на  туризмот оваа 2022 година е целосно надминато  во државите посебно членки на ЕУ, кои практикуваат масовен, но и континентален туризам, бројот на ноќевања и број на туристи се брои повторно во милиони  и тоа само во една дестинација, Македонија на ниво на цела држава не може да изнајде начин /содржина да постигне бројка поголема  2,5 милиони ноќевања. За потсетување во 2015 година Македонија имаше 2,4 милиони ноќевања од кои 1 милион од странски туристи“, рече Пејоска Ристеска.

За последните статитстички податоци од ДЗС за период  јануари - септември 2022 година вели дека  се потенцира дека има зголемување на бројот на туристи  од 37 отсто, но истиот се споредува со периодот од претходната година т.е. 2021 година. Ако го земеме во обзир фактот дека двете последователни години 2020 и 2021 се години опфатени со ковид пандемијата каде туризмот како активност воопшто и не се одвива т.е. туристичките движења се сведени на минимум, тогаш е јасно да се зборува за раст во туризмот со зголемен број на туристи, но дали е тоа реално прикажан раст  може да дознаеме само ако направиме споредба  со годините кога туризмот функционираше нормално до 2019 година.

Најголем дел од туристите го посетуваат Охрид и Скопје. Ако се вратиме назад низ годините, најдобрата година за туристичкиот сектор во Охрид била далечната 1987-ма година, кога на брегот на Охридското Езеро се реализирани 4 милиони ноќевања.

Сања Атанасовска

foto freepik.com/rociochiappino

Слично

Поврзани вести