Економија, финансии, бизнис

Контакт

УШТЕ КОЛКУ ПАТИ ЌЕ ТРЕБА ДА МЕНУВАМЕ ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ? Само што сменија адреси, Бутелчани пак ќе добијат улици со старо-нови имиња:Костовски бара враќање на старите имиња на улиците

УШТЕ КОЛКУ ПАТИ ЌЕ ТРЕБА ДА МЕНУВАМЕ ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ? Само што сменија адреси, Бутелчани пак ќе добијат улици со старо-нови имиња:Костовски бара враќање на старите имиња на улиците

Само што почнаа да менуваат документи, жителите на Бутел, повторно ќе треба да менуваат лични документи, ако се суди по најавата на градоначалникот, Дарко Костовски, кој, на Фејсбук истакна дека до Град Скопје, поднел барање за враќање на старите имиња на улиците.

„Сакам да Ве информирам дека денес поднесов иницијатива до Град Скопје со барање за враќање на старите имиња на 38 улици во Општина Бутел.

Целосната ингеренција за враќање на старите имиња ја има Градоначалникот на Град Скопје и Советот на Град Скопје.

До мене како градоначалник и до Општина Бутел изминатиот период пристигнаа голем број на иницијативи од граѓани. Барањата на граѓаните се и мои барања.

Во минатото од страна на поранешниот градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов и Советот на Град Скопје беше донесена одлука за промена на улиците.

Своеволно без никаква консултација со граѓаните за свој личен интерес беше донесена таа одлука“, напиша Костовски на Фејсбук.
Граѓаните реагираат дека и покрај тоа што веќе ги смениле улиците, а и земаа потврди од Град Скопје, бидејќи во МВР мораа да достават доказ за името на улицата, сега, ако повторно се враќаат старите имиња, тие автоматски пак ќе треба да ги менуваат личните документи.

Колку за потсетување, граѓаните треба да ги сменат сите лични документи до февруари 2024 година. Дополнително, сменети беа над стотина имиња на улици, а за дел од нив беше спорно кое име го имаат, па при промена на лични карти, службениците на МВР бараа од граѓаните да достават потврда од Град Скопје, за точното име на улицата.

Голем број од граѓаните се мрцвареа крајно непотребно, чекаа со денови за да ја добијат потврдата, за да ја достават до МВР и конечно да добијат личен документ. Сега, ако се вратат повторно старите имиња на улиците, останува отворено прашањето, дали граѓаните што живеат на спорните улици, ќе треба повторно да ги менуваат личните документи со старо-новите имиња на улиците.


Ф.Р.

Слично

Поврзани вести