„УШТЕ КОЛКУ ДЕТСКИ ЖИВОТИ ТРЕБА ДА ЗГАСНАТ“: Левица бара оставка од директорот на Детска клиника, Мемеди
Оставка од директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди бараат од опозициската партија „Левица“ од каде посочуваат дека првиот човек не ги спроведува насоките на инспекциите, и плаќа казни за своите постапки, што на крај резултира со влошени или незгрижени пациенти на клиниката.
- Директорот на Клиниката за детски болести - Реџеп Мемеди ќе плати и втора казна во само два месеци затоа што одбива да ги отстрани сериозните недостатоци на самата клиника! Двата извештаи на инспекцискиот надзор го откриваат колапсот на клиниката, вклучувајќи нестручни лекари и одбивање прием на деца без никакво образложение се истакнува во нивното соопштение испратено до медиумите.
На Клиниката, од вкупно вработени 45 доктори специјалисти, ниту еден од нив не дежура во амбуланта на Клиниката, а прегледите во дежурна амбуланта се вршат од страна на специјализанти, кои издаваат медицинска документација во име на дежурните доктори специјалисти, а некогаш и документација и без потпис и печат!
- Според Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ), директорот Мемеди и неговиот тим не презеле соодветни мерки и сè уште не го исполниле наложеното решение, со што ги оставаат пациентите во опасност.
Бидејќи Мемеди одбива да преземе мерки за санирање на колабираната состојба, пред неколку дена Инспекторатот изрече глоба од 4.000 евра за Клиниката, а за Мемеди како нејзин директор 1.200 евра. Додека во текот на вчерашниот ден, Инспекторат по втор пат изрече казна за оваа клиника, бидејќи не издале писмено образложение за причините за одбивањето на приемот на седуммесечното бебе кое почина пред 5 дена - истакнуваат од партијата.
Од „Левица“ воедно укажуваат дека само во последните шест месеци, 20 деца починале на клиниката, што ја прави стапката на смртност застрашувачки висока.
- Раководството од братучедите Мемеди, поддржани од министерот Таравари, се директно одговорни за овие трагедии. Уште колку детски животи треба да згаснат за монструмот Мемеди да биде тргнат од директорската функција?! Оставка веднаш! - пишува во соопштението на „Левица“.
