Економија, финансии, бизнис

Контакт

„УШТЕ ЕДНО ВИДЕО. УШТЕ ЕДНА ЖРТВА СО ТРАЈНА ПСИХИЧКА ПОСЛЕДИЦА“: остра реакција по новиот случај на врсничко насилство (ВИДЕО)

„УШТЕ ЕДНО ВИДЕО. УШТЕ ЕДНА ЖРТВА СО ТРАЈНА ПСИХИЧКА ПОСЛЕДИЦА“: остра реакција по новиот случај на врсничко насилство (ВИДЕО)

Ова не е детска игра. Ова е насилство. Ова е јавно понижување. Ова е аларм дека како општество опасно потфрламе.

Ова мора да биде најостро осудено и санкционирано.

Не можеме повеќе да се криеме зад изговорот „деца се“. Очигледно некоја вредност не е научена, а некоја граница никогаш не е поставена.

Ова го посочува пратеничката Моника Зајкова, која реагираше на социјалните мрежи откако дел од медиумите пренесоа за новиот случај на врсничко насилство и видео од истото кое се пренесува на социјалните мрежи. 

- Најстрашно е што околу жртвата стојат десетици врсници кои снимаат, навиваат и се смеат, наместо да спречат и помогнат. Кога туѓата болка станува забава, тогаш проблемот е многу поголем од само уште еден инцидент.

Барам итна реакција од сите надлежни институции – од училиштето, центрите за социјална работа, МВР и обвинителството. Одговорност мора да имаат и родителите. Воспитувањето не завршува кога детето ќе излезе од дома.

За насилството мора да има нулта толеранција – секогаш и за секого - нагласува Зајкова. 


Инаку на социјалните мрежи се појави вознемирувачка снимка која прикажува нов случај на врсничко насилство меѓу малолетници во скопската населба Аеродром.

На видеото се гледа како девојче е клекнато на колена и моли за милост, додека неколку други девојчиња го навредуваат, удираат шлаканици и го влечат за коса. Сцената се одвива пред очите на повеќе присутни малолетници, кои наместо да интервенираат, го снимаат целиот инцидент со мобилни телефони.

Дополнително вознемирува и фактот што дел од присутните го поттикнуваат насилството, бодрејќи ги напаѓачите и охрабрувајќи го продолжувањето на малтретирањето.

„Ќутете да слушнеме како ќе пука“, се слуша на снимката како изјавува едно од момчињата кое го документира настанот, додека чека друго девојче да му удри шлаканица на жртвата.

Случајот предизвика остри реакции на социјалните мрежи, каде граѓаните бараат итна реакција од надлежните институции и посериозен пристап кон врсничкото насилство и неговата превенција.




Слично

Поврзани вести