УШТЕ ЕДНА ЖРТВА: Почина жена од превртениот македонски автобус
Почина уште една критично повредена патничка од македонскиот автобус кој се преврте кај српскиот град Лесковац на 16 декември.
Таа починала во болницата во Ниш, со што бројот на жртви од несреќата се искачи на 5, велат од Министерство за здравство. Починатата цело време била на апарати за дишење на интензивна нега во болницата во Ниш.
Останатите пет пациенти кои беа со потешки повреди во болницата во Ниш и четворицата со полесни повреди кои беа во болницата во Лесковац се пренесени во Македонија.
Автобусот на струшката компанија „Еуробус“ на 15 декември во 19 часот тргнал од Битола за Виена и околу 1.40 часот минатата недела наутро се преврте во близина на Лесковац.
Во несреќата се повредени 35 луѓе. На местото на несреќата загинаа тројца патници, а 32-ца беа повредени. Од нив 14 беа задржани во болница, а останатите по укажаната медицинска помош беа сместени во хотел.
На 23 месецов почина четвртата жртва, жена која имала скршена карлица. Претходно загинаа жена од Кочани, од Кавадарци, и маж од крушевското село Бучин.
Српските власти ги утврдуваат причините за несреќата.
