УШТЕ ЕДНА ПРИЈАВА ЗА ПОРАНЕШНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СТРУМИЦА - МВР го гони за несовесно работење и злоупотреба на службата
- Пријавената И.Г., во својство на раководител на Одделението за администратирање на приходи при општина Струмица, постапувајќи спротивно на одредбите од Законот за даноците на имот, во четири наврати ги пречекорила своите овластувања со тоа што изготвила решенија за даночно ослободување од данокот на промет на недвижен имот при продажба на станови од станбена куќа со наменска класификација А1.
Ваквото ослободување од плаќање било направено повикувајќи се на член 25 од Законот за даноците на имот, меѓутоа одредбите за таквото даночно ослободување се однесувале само за станбени згради и станови кои согласно класата на намени се со номенклатура А2.1, но не и за станбени куќи со номенклатура А1.1, за кои и биле изготвени решенијата. Исто така, И.Г. во три од четирите решенија, во отсуство на пријавениот Б.Ш., се потпишала и во полето Потврдил-контролирал.
Пријавениот Б.Ш., во својство на Раководител на Секторот за финансиски прашања при општина Струмица и пријавениот К.К., во својство на градоначалник на општина Струмица, постапиле несовесно при вршењето на своите службени овластувања и пропуштиле должен надзор при постапувањето по тие предмети и ги потпишале изготвените решенија за даночно ослободување изготвени од И.Г.. Со ваквите дејствија пријавените лица го оштетиле буџетот на општина Струмица за износ од 668.388 денари - се појаснува во објавата на МВР.
Ова не е прва кривична пријава за поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, кој преку социјалните мрежи по првата пријава објави дека им стои на располагање на службите.
