Економија, финансии, бизнис

Контакт

Уште една откажана ТВ-дебата меѓу претседателските кандидати

Уште една откажана ТВ-дебата меѓу претседателските кандидати

Денеска откажана е и втората ТВ-дебата по ред помеѓу претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова пред вториот круг од претседателските избори на 5 мај. Овој пат требаше двајцата претенденти да се соочат доцна попладне на телевизија „Алфа“, но од таму соопштија дека дуелот е откажан.

„Тв дуелот на двајцата кандидати кои би влегле во вториот круг, го планиравме за вториот дел од кампањата. Токму затоа уште во текот на првиот дел од кампањата, телевизија Алфа ги покани кандидатите за тв соочување со наведени датуми и термини согласно нашата програмска шема, при што добивме потврден одговор од сите штабови на кандидати кои ги поканивме.

Кога заврши првиот изборен круг, телевизија Алфа емитуваше рекламен спот со најава со однапред договорениот термин, за тв соочување меѓу Силјановска-Давкова и Пендаровски, кандидатите кои ја продолжија претседателската трка.

Но од необјасниви причини, уште првиот ден од емитувањето на рекламниот спот, од штабот на кандидатот Стево Пендатовски не’ известија дека тој сепак нема да присуствува на тв дуелот. Тв Алфа побара објаснување, но до денеска, не доби“, гласи во соопштението на ТВ Алфа.

Минатата недела од необјасниви причини беше откажан и ТВ-дуелот на Топ Тема на телевизија Телма. И од двата табори кои ги поддржуваат Пендаровски и Силјановска не потврдија дека некој се повлекол од дебатата.

- Се појавија многу шпекулации во однос на овој дуел, но сакам да известам дека Телевизија Телма веднаш по завршувањето на првиот круг ги покани претседателските кандидати на дебата за 24.04.2019. Во барањето беа наведени и датумите 2 и 3 мај. Од Штабот на Силјановска Давкова уште истиот ден одговорија потврдно таа ја прифаќа дебатата, додека од штабот на СДСМ, вчера не известија дека поради обврски нема да може да дојде на дебатата, истакна водителката Снежана Лупевска.

По завршувањето на првиот круг имаше само една ТВ-дебата помеѓу конкурентите и тоа на МРТ. До гласањето в недела на агендата останува само уште еден предвиден термин за полемизирање помеѓу Пендаровски и Силјановска - на емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 в четврток.


Слично

Поврзани вести