Уште два нови контејнери изгореа во Скопје
Уште два нови контејнери изгореа од 540 нови кои ги постави Град Скопје неодамна. Овој пат тие се опожарени во скопската населба Ѓорче Петров. Претходно еден беше целосно уништен на „Рузвелтова“ што вкупната бројка е три надвор од употреба.
Станува збор за два новопоставени контејнера со зафатнина од 3,2 кубни метра кои се опожарени во текот на изминатата ноќ на главната улица во населбата Ѓорче Петров, заедно со уште шест пластични контејнери од 1,1 кубни метри во населбата Ново Лисиче, информира ЈП „Комунална хигиена“-Скопје. Изминатиот викенд во скопската населба Радишани изгореа три контејнери од 1,1 кубни метри и еден специјален контејнер-ѕвоно, наменет за селекција на стакло. Од „Комунална хигиена“-Скопје велат дека овие инциденти редовно се пријавувани во полиција.
„Опожарените садови се целосно уништени и неупотребливи. Веќе имавме случај на еден опожарен нов контејнер на улицата „Рузвелтова“, а во текот на минатата ноќ изгореа уште два нови и шест од старите садови за одлагање на отпадот. Покрај значителната финансиска штета што е нанесена на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, овие инциденти предизвикуваат големи проблеми при одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад. Апелираме да престане вандализмот и уништувањето на контејнерите, за екипите на Претпријатието да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен“ изјави Абдусамед Шабани, изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје,
Новите контејнери имаат капацитет од 3.200 литри и заменуваат над 1.800 од досегашните стари контејнери, односно може да соберат поголем волумен ѓубре и се далеку поголеми од старите. Со оглед на тоа што станува збор за сосема нов систем, градот набави и четири нови комунални возила за нивно празнење. Наредната година, кога ќе биде изработен и новиот софтвер и ќе профункционира паметниот системот, новите контејнери ќе јавуваат кога се полни, за да дојде камионот да ги испразни. Станарите од секоја зграда ќе имаат соодветни картички за отворање на новите контејнери.
За разлика од старите, новите контејнери имаат амортизиран поклопец и ножен педал со кој можат да се отворат за да се фрли ѓубрето. Целта на овој механизам е да не се шири непријатната миризба од отпадот во контејнерот и да не се загадува околината.
