УПОРНИ СЕ ВО НАМЕРАТА ДА СЕ ИСЕЛАТ: Македонците и во шестата деценија учат јазици за да заминат во странство
Во земјава има луѓе кои се во шестата деценија од животот и учат странски јазик за да се иселат. Најчест избор им е германскиот или англискиот јазик. Од училиштата за странски јазици потврдуваат дека имаат и повозрасни ученици. Тие сакаат да им се придружат на своите сопружници или на децата кои веќе се во Германија или во некоја друга европска земја.
„Има луѓе на возраст од 50 години кои учат јазик. Учат германски за да се иселат. Најчесто тие се медицински персонал и неквалификувани работници. Учат јазик за работа, да се приклучат на семејството, ако мажот е таму, жената да отиде. Повозрасни луѓе сме имале од 2008 година наваму да учат јазик и сега откако почна да се движи работната сила, тоа е помасовно“, велат од училиштето за странски јазици Дојч од Тетово.
Професорите по странски јазици објаснуваат дека сите сакаат поперспективна иднина и затоа учат и во поодминати години.
„Учат англиски за да си најдат работа во странство. Највозрасниот ученик ми беше човек на 55 години. Сакаат да работат низ Европа. Успеваат да научат. Упорни се. Последниве години е присутен тој тренд. Има и мажи и жени кои учат странски јазик во поодминати години, имаат добар мотив за да го учат“, вели професорка од Скопје која држи часови по англиски јазик.
Професорите додаваат дека овие луѓе вложуваат енергија со цел да го совладаат странскиот јазик, иако за нив учењето на јазици е малку потешко во тие години.
„До 52-53 години имаме ученици. Тие најчесто го учат англискиот јазик. Сите имаат различни планови за во иднина и причини зошто учат јазик. Отсекогаш имало значи и повозрасни ученици. Споредено со децата и младите, нив потешко им оди. Индивидуално е, некој е повеќе упорен, некој помалку“, објаснуваат од училиште за странски јазици во Битола.
Странски јазици учат луѓе од различни професии. Младите пак се стремат да научат и втор странски јазик за да имаат поголеми шанси за вработување надвор од границите на Македонија.
„Од 2012, 2015, 2016 година имаше доста повозрасни луѓе кои учеа странски јазик. Тоа беше стручен кадар, инженери, медицински сестри. Кај нас најстар ученик е жена над 60 години. Има и луѓе чии деца се во странство, па сакаат да отидат. Се трудат да научат. Од 18 до 25 години е најбројната група ученици. Германски најмногу се учи, за иселување најчесто. Ако мажите веќе заминале, сопругите учат јазик за да се иселат во Германија“, велат од училиштето за странски јазици Ворт-М од Неготино.
Електронскиот попис направен во 2021 година покажа дека Македонци има насекаде во светот, на сите континенти. Илјадници наши граѓани живеат во Германија, Австрија, Италија, Словенија, Белгија, Данска, Швајцарија, САД и други држави. Според Евростат, во Германија има над 100.000 луѓе со македонски потекло.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
