Унгарските власти не кажуваат како Груевски без пасош стигнал кај нив
Владата на унгарскиот премиер, Виктор Орбан не сака да открие како поранешниот македонски премиер, Никола Груевски без пасош стигнал кај нив.
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто кратко изјави дека е завршена процедурата за поднесување на барање за азил и дека додека не биде одлучено по истото, тие ќе се воздржат од повеќе детали.
„Ако процедурата за азил е завршена, ние сме многу среќни да бидеме на располагање. Претпоставувам дека се постапува по предметот за азил. Додека не се заврши не можам да ви дадам повеќе информации“, вели Сијарто.
Барталан Хаваси од службата за односи со јавност на унгарскиот премиер ги демантираше информациите дека Орбан се сретнал со Груевски. Тој рече дека синоќа унгарскиот премиер бил дома со своето семејство.
Официјално од Европската комисија немаат коментар за ова. Сепак, некои евро пратеници, а воедно и известувачот за Македонија од европскиот парламент, Иво Вајгел сметаат дека треба да се почекаат официјалните изјави и реакции од страна на унгарските власти пред да се коментира барањето азил.
Кариктури за бегството на Груевски има во унгарските весници.
