УНЕСКО донесе одлука за Охрид: Дадена уште една последна шанса
УНЕСКО го прифати барањето на македонската централна и локална власт и одлучи до февруари следната година да им го даде потребниот рок да ги спроведат препораките за заштита на природните богатства. Главното барање на УНЕСКО е прогласување на мораториум на секакви урбани трансофрмации на брегот на Охридското езеро, но и на каква било урбанистичка трансформација.
Тоа значи дека засега Охрид нема да биде прогласен за загрозено подрачје. На дебатата во Баку пред два дена министерот без ресор, Едмонд Адеми, побара дополнителен рок до февруари 2020, за Владата да може да ги исполни сите препораки од УНЕСКО.
И охридскиот градоначланик Констанин Георгиевски кој исто така е во Баку очекуваше дека Македонија же добие уште една шанса да се исполнат мерките за заштита на Охрид и да се справи содивоградбите.
„Од голем број земји членки на Комитетот, е констатиран напредокот во реализацијата на препораките. Се надеваме на поддршка и шанса, да продолжиме посветено и одговорно со реализација на мерките за заштита на Охрид и заедно да го зачуваме ова Светско наследство“ напиша Георгиевски на својот ФБ профил.
За разлика од владините преставници, невладиниот сектор побара УНЕСКО без одложување да го стави Охрид на листата на земји со загрозено наследство.
Власта треба до 1 февруари 2020 да поднесе до Комитетот за светско наследство нов извештај за зачувување на имотот, за да се испита.
Од македонската делегација зборуваше министерот Едмонд Адеми, кој кажа дека Владата ја запрела изградбата на ски-центарот на Галичица и дека редовно се проверува квалитетот на водата, а формиран е Координативен тим кој ќе работи на исполнување на сите препораки. Од владината делегација исто така информираа дека дел од градбите кои беа спорни се веќе стопирани, а дека интензивно се работи и на реализацијата на сите останати забелешки кои претходно ги наведе УНЕСКО.
