УКРАИНА, РУСИЈА И БЕЛОРУСИЈА: Колку луѓе ни се доселиле, а колку се отселиле таму?
Пред две години во Македонија се доселиле 200 Украинци, 59 Руси и 9 Белоруси.
Бројот на Украинците е најголем, затоа што на нивно тло се води војна веќе петта година. Од друга страна, истата година наши граѓани не се отселиле ниту во Украина, ниту во Белорусија, а во Русија заминале само 5 луѓе.
„Нашинците се случува да заминат во Русија поради брак, за работа не сум слушнала некој да отишол, односно во 10 години за еден ќе слушнам дека отишол таму да работи и за студирање одат талентираните деца. Тие студираат во Москва и во Санкт Петерсбург“, вели професорката по руски јазик, Лидија Митревска.
Во текот на 2024 година, според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС), од Украина во Македонија се доселиле 2 граѓани, а бројот на доселени странци од оваа земја бил 200, додека бројот на отселени наши граѓани е нула, а на отселени странци е 1, односно миграциското салдо со оваа земја ни е 101.
Што се однесува до Русија, од оваа земја во 2024 година се доселиле 3 граѓани, дошле 59 странци, се отселиле 5 наши граѓани, додека отселени странци нема, а миграциското салдо е 57 луѓе.
Aко ги погледнеме податоците за Белорусија, од оваа земја немало доселени граѓани, а се доселиле 9 странци, додека ниту еден наш граѓанин не се отселил од Македонија во Белорусија, ниту пак некој странец заминал таму, со што миграциското салдо е 9.
„Мои блиски дојдоа кога изби конфликтот во Украина, се доселија од Белорусија во Македонија. Искрено, финансиски животот им беше посреден во Белорусија. Дојдоа поради паника поради војната, односно причините не се економски. Реално мислам дека економијата во Белорусија е постабилна од економијата во Македонија. Самата земја во пакет со Русија е под санкции, но се справува, се живее, си патуваат луѓето“, објаснува Белорусинка која живее во Македонија.
Според неа, секоја година по неколку лица од Белорусија се доселуваат во Македонија поради брак.
Но, во годината кога почна војната во Украина, 2022, во Македонија од Украина дошле 395 странци, од Русија се доселиле 62 странци, а од Белорусија се доселиле 15 странци.
Поголема бројка на македонски граѓани се одлева во Германија, Швајцарија, Италија, Словенија.
Сања Атанасовска