Украина и Молдавија од денес започнуваат преговори со ЕУ и ја оставаат Македонија зад себе
Украина и Молдавија ќе направат одлучувачки чекор кон приклучување кон ЕУ во понеделник, кога ќе започнат со првата фаза од преговорите за членство.
Почетокот на суштинските преговори во Луксембург ќе биде многу симболичен момент за двете земји кои беа дел од поранешниот Советски Сојуз.
Европската Унија денес го отвори првиот преговарачки кластер за пристапување на Украина и Молдавија, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
„Сите земји-членки се согласија да го отворат првиот кластер на преговори за пристапување со Украина и Молдавија. На првата меѓувладина конференција во понеделник, ќе го отвориме кластерот врз темелите, што е 'рбетот на процесот на пристапување“, напиша Кошта на платформата X.
Кошта истакна дека овој потег ги признава напорите на Украина и Молдавија во спроведувањето на реформите и покрај тешките внатрешни и надворешни политички предизвици.
„Ова е признание за решителноста, храброста и напорната работа што двете земји ја покажаа во спроведувањето на реформите, дури и во услови на огромни предизвици“, изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во заедничка изјава.
Реагирајќи на објавата, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека одлуката претставува „значајна политичка и морална поддршка“ за својот народ.
„Украина се брани себеси и со тоа ја брани цела Европа - идејата дека европските нации можат да живеат обединети, слободни и во мир“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Патот до членство во Европската Унија се состои од шест тематски кластери и 33 преговарачки поглавја. Првиот кластер, кој ги вклучува владеењето на правото, човековите права и судството, претставува почеток на тој сложен процес.
Украина сака да ги отвори сите преговарачки кластери ова лето за да им покаже на своите граѓани, исцрпени од војната, дека перспективата за членство во Европската Унија е навистина остварлива.
Украина официјално аплицираше за членство во Европската Унија помалку од седум дена по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Европската комисија ја пофали земјата за реформите што успеа да ги спроведе во околностите на војната, иако сè уште постојат сериозни загрижености за корупцијата и состојбата на судството.
Минатиот месец, германскиот канцелар Фридрих Мерц ги повика партнерите од Европската Унија да ја разгледаат можноста за „придружно членство“ за Украина и да дадат нов импулс на преговорите насочени кон завршување на повеќе од четиригодишната војна со Русија.
