Економија, финансии, бизнис

Контакт

УКИНУВАЊЕ НА МОЖНОСТА ДА СЕ НАМАЛИ ДОГОВОРЕНАТА ЦЕНА ЗА ОТКУП НА ГРОЗЈЕ – се бараат измени на Законот за вино

УКИНУВАЊЕ НА МОЖНОСТА ДА СЕ НАМАЛИ ДОГОВОРЕНАТА ЦЕНА ЗА ОТКУП НА ГРОЗЈЕ – се бараат измени на Законот за вино

Ќе бидат ли позаштитени производителите на винско грозје со измените на Законот за вино кои ги предлагаат опозициските пратеници или ќе остане ова уште еден обид за подобрување на нивните права.

Во Собранието доставен е предлог од страна на пратениците од редовите на Левица за измени на Законот за вино, а според предлагачите, со предложеното решение ќе се спречи можноста за намалување на откупната цена на винско грозје и ќе се зајакнат правната сигурност и економската предвидливост за производителите на винско грозје.

Од документот кој е доставен во Собранието, пратениците бараат да се укине можноста да се намалува утврдената цена за откуп на грозје, што како што нагласуваат ги става производителите во неповолна ситуација.

-  Со Законот за виното се уредуваат планирањето и управувањето со производствениот потенцијал за производство на винско грозје, производството на вино, пазарот и прометот со вино, класификацијата на вината, производството, означувањето и заштитата на вината со географски назив, како и описот, означувањето и заштитата на виното. Исто така, со Законот се уредува и начинот на утврдување на цената на винското грозје за производство на вино, која се определува врз основа на шеќерните единици– објаснуваат пратениците во законското решение доставено во Собранието.

Потоа потенцираат дека откупувачите се должни при откупот да ги измерат шеќерните единици, да издадат потврда за количината и квалитетот на откупеното грозје и пред почетокот на винската година јавно да ја објават цената по шеќерна единица за секоја сорта, со цел да се обезбедат транспарентност, предвидливост и правна сигурност за производителите на винско грозје.

Но, пратениците укажуваат дека проблемот настанува со членот 23 од Законот со кој се овозможува да се намали цената за 8 отсто за откупено грозје ако исплатата е во законскиот рок.

-  Сепак, членот 23 став (7) од Законот предвидува можност претходно објавената цена да се намали до 8% доколку исплатата за откупеното грозје е извршена целосно и во законскиот рок. Ваквото решение создава правна несигурност и ги става производителите на винско грозје во понеповолна положба, бидејќи остава простор за намалување на однапред објавената откупна цена– се појаснува во законот.

Поради ова, предлагачите бараат да се избришеставот (7) од членот 23, за да се обезбеди однапред објавената откупна цена да биде конечна и непроменлива.

-  Ќе се спречи можноста за нејзино намалување и ќе се зајакнат правната сигурност и економската предвидливост за производителите на винско грозје– укажуваат пратениците.

Од партијата досега укажаа дека и покрај постоењето на законски утврдена минимална цена, овој механизам во пракса овозможувал манипулации и ја намалувал реалната заработка на производителите на грозје, и дека одредбата која бараат да се укине служела само како заштита на винарскиот капитал на штета на трудот на лозарите.

П.О.

Слично

Поврзани вести