Економија, финансии, бизнис

Контакт

УКИНУВАЊЕ НА ДАНОКОТ НА ОСНОВНИТЕ ЖИВОТНИ ПРОДУКТИ ЗА ПОДОБАР СТАНДАРД – еве го предлогот на опозиционерите за намалување на ДДВ-то

УКИНУВАЊЕ НА ДАНОКОТ НА ОСНОВНИТЕ ЖИВОТНИ ПРОДУКТИ ЗА ПОДОБАР СТАНДАРД – еве го предлогот на опозиционерите за намалување на ДДВ-то

Предлогот на опозициската СДСМ за намалување на Данокот на додадена вредност за струјата и основните животни продукти веќе е во собраниска процедура. Како што најавија опозиционерите, доставен е предлог за измена на Законот за данок на додадена вредност, со кој се предлага даночна стапка од 18 проценти за електричната енергија да се намали на пет отсто, но и целосно ослободување на дел од основните животни продукти од ДДВ.

-  Според постојните одредби во Законот за данокот на додадена вредност прометот и увозот на електрична енергија е предмет на одданочување според општата даночна стапка од 18 отсто, а со цел да се овозможи пониска цени на граѓаните и намалување на нивните трошоци се предлага намалување на стапката од 18 на 5 проценти. Намалувањето ќе има позитивно влијание врз трошоците на домаќинствата и стопанството, придонесувајќи кон намалување на ценовниот притисок во услови на глобална економска неизвесност и зголемени трошоци за живот – објаснуваат опозицонерите и додаваат дека предложеното намалување на ДДВ за електричната енергија ќе резултира со намалување на приходите во Буџетот.

И покрај намалените приходи од даноците, предлагачите посочуваат дека намалувањето на цените ќе води кон зголемената потрошувачка и индиректниекономски ефекти, како зголемена ликвидност на населението и подобрена конкурентност на економијата, со што дел од загубите ќе бидат компензирани.

Според нив, намалувањето на данокот ќе има позитивно влијание врз инфлацијата, односно ќе ја стабилизира.

-  Согласно пресметката едно домаќинство кое плаќало 2.000денари за електрична енергија, без субвенцијата на Владата, би плаќало околу 3.455денари односно 1.455денари повеќе. Додека семејство кое плаќало 5.000 денари за електрична енергија, без субвенцијата сметката би достигнала 8.638денари или 3.600денари повеќе– укажуваат во законското решение доставено пред народните избраници.

Предлагачите потсетуваат дека повластената стапка од 5 проценти за електричната енергија за домаќинствата беше применувана до 31 декември 2022 година. По овој период, стапката се зголеми на 10 отсто од 1 јануари 2023 година.

-  Според податоците на Статистика, трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4 проценти во споредба со истиот месец една година порано. Цените на основните производи пораснале за 4,3 отсто. За илјадници семејства, тоа значи дека основните животни потреби стануваат недостапни. Месечната плата не е доволна ниту за најосновните трошоци. Со цел да се намали финансискиот притисок врз граѓаните, особено врз ранливите категории, со овој Предлог на закон се предлага укинување на даночната стапка за основните прехранбени производи, односно воведување на 0 проценти ДДВ – пишува во документот доставен во Собранието и се додава дека со елиминирање на ДДВ на основните намирници веднаш ќе се олесни финансиската состојба на потрошувачите.

Притоа посочуваат дека ваквото законско решение ќе има најголемо влијание врз домаќинствата со ниски примања, кои трошат најголем дел од своите приходи на храна.

- Земји во Европската Унија, како што се Ирска, Малта и Велика Британија, веќе применуваат нулта стапка на ДДВ за основни животни потреби. Намалувањето на ДДВ ќе доведе до пониски конечни цени за потрошувачите, ќе придонесе за заштита на стандардот и за подобрување на куповната моќ. Дополнително, оваа мерка е усогласена со европските практики, каде што многу земји членки на Европската унија веќе применуваат намалени стапки на ДДВ за електричната енергија како дел од стратегиите за заштита на потрошувачите и поддршка на економијата. Овој Предлог - закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност е во насока на поддршка на граѓаните, со цел намалување на ценовниот притисок и зголемување на економската стабилност – нагласуваат пратениците од опозицијата.

Предлагачи на законските измени се претежно пратениците од редовите на СДСМ, поточно Борче Цветков, Горан Мисовски, Димитар Ковачевски, Јован Митрески, Јованка Тренчевска, Миле Талевски, Оливер Спасовски, Сања Лукаревска, Соња Мираковска и Фатмир Битиќи.

На листата на производи кои се даночат со пет проценти ДДВ согласно актуелниот закон се водата од јавните системи, книги и електронски учебници, брошури, детски сликовници, дигитални учебници за деца, семенски материјал, ѓубрива, средства за заштита на растенија, фолии, земјоделска механизација, лекови, менструални производи, компјутери, термални системи, медицинска опрема, масла за исхрана, бебешки производи, училишен прибор, плети, промет од станови за прв корисник, превоз, како и услуги за одржување јавна чистота, услуги за сместување...

П.О.

Слично

Поврзани вести