Економија, финансии, бизнис

Контакт

УКИМ го одбележува Светскиот ден на науката

УКИМ го одбележува Светскиот ден на науката

Традиционално, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го одбележува Светскиот ден на науката со низа настани.

Централниот настан се одржа на денес на 10 ноември 2020, на видеоконференциската платформа ZOOM во согласност со протоколите за справување со пандемијата.

Настанот го отвори ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски и даде пригодно обраќање за овогодишната тема на Светскиот ден на науката за мир и развој на UNESCO. Оваа 2020 година, како година на глобални предизвици кога човештвото се соочува со пандемија од невидени размери, императив е спрегата на ефикасна примена на научните резултати во интерес на заштита на здравјето.

Темата на Светскиот ден на науката годинава е – Наука ЗА и СО општеството за справување со глобалната пандемија. Целите се: да се зајакне меѓународната научна соработка, со зајакнување на отвореноста и пристап до податоци.

Потоа, ректорот, проф. д-р Никола Јанкуловски, ги промовираше најдобрите научници и уметник на Универзитетот во одделни научноистражувачки подрачја, кои постигнале врвни научноистражувачки резултати во изминатата 2019 година. За најдобри научници се промовирани:

1.Проф. д-р Зоран Гучев, Медицински факултет

2.Проф. д-р Кирил Сотировски,  Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“

3.Проф. д-р Сузана Топузовски, Природно-математички факултет;

4.Проф. д-р Трена Јорданоска, Факултет за музичка уметност,

5.Проф. д-р Николина Паламидовска-Стерјадовска, Економски факултет,

6.Проф. м-р Љубиша Кировски, Факултет за музичка уметност (во категоријата уметник)

Потоа се одржа трибина на тема - Отворена наука (Open Science), тема што е во согласност со овогодинешниот фокус на Светскиот ден на науката - Наука ЗА и СО општеството.

Имено, идејата за отворена наука е визија на Европската комисија за градење инфраструктура за европски облак на отворена наука (European Open Science Cloud(EOSC)), кој би требало да стане реалност во 2021 година, како виртуелна средина за за сите истражувачи да може да чуваат, управуваат, анализираат и повторно да користат податоци за истражувачки, иновативни и образовни цели.

На оваа исклучително актуелна тема, УКИМ е во чекор со времето, преку неколку Европски проекти, активно е вклучен во активностите за отворена наука во Европа. 

Поканети беа инспиративни предавачи, членови на лидерските тимови за овој процес во земјата, регионот, Европа како и на Северно Американскиот континент.

Проф. Никола Стиков од Политех Фак на Универзитетот на Монтреал

Проф. д-р Никола Стиков дипломирал и докторирал на Универзитетот Стeнфорд во САД, а моментално е професор по биомедицински инженеринг на Политехничкиот факултет при Универзитетот на Монтреал, Канада.

Тој е основач на неколку меѓународни иницијативи за промоција на отворена наука во областа на невровизуелизација и магнетна резонанса, a истовремено се залага и за поголема достапност на науката до пошироката јавност. Во 2014 е избран за Помлад Соработник на Меѓународното здружение за магнетна резонанса во медицината (ISMRM), во 2015 се придружува на уредувачкиот одбор на списанието Магнетна Резонанса во Медицината и ја промовира иницијативата Highlights, а во 2016 го основа официјалниот блог на Организацијата за Мапирање на Човечкиот Мозок (OHBM), чијшто написи се пренесени во Хафингтон Пост и цитирани во Њујорк Тајмс.

Од 2018 Никола е член на извршниот одбор на канадската платформа за отворена невронаука (CONP.ca), а 2020-та ја минува како визитинг професор на ФИНКИ каде предава Истражувачка методологија (со ак.Љупчо Коцарев) и Медиуми и комуникации (со проф. Владимир Трајковиќ). Истовремено, проф. Стиков работи на промоција на отворена наука и научна писменост преку иницијативите Кантарот (kantarot.mk) и Наука за Деца (nzd.mk).

Проф. д-р Владимир Трајковиќ е редовен професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Професор е на повеќе предметни програми на сите три циклуси на студии, при што предава истражувачки методологии на додипломски студии, предмет на кој, во последните неколку академски години, визитинг професор е проф. Никола Стиков.

Проф. Трајковиќ е носител на наградата на УКИМ  - најдобар научник за 2017 година во областа на техничко-технолошки науки.

Негова област на истражувачки интерес е поврзано здравство и примена на ИКТ во образование. Во последните 5 години, Проф. Трајковиќ има објавено повеќе од 30 публикации во списанија со фактор на влијание и повеќе од 1000 цитати, h-index 17, i10-index 31.

Проф. Трајковиќ е контакт лице за УКИМ на Берлинската декларација за отворен пристап. Истовремено, тој е промотер за FAIR податоци во рамки на NI4OS проектот, и контакт лице на УКИМ за OpenAIRE. 


Слично

Поврзани вести