Економија, финансии, бизнис

Контакт

УКАЖУВАЊЕ ОД ЕКСПЕРТ: Да се вакцинираат сите над 60 години е пожелно, така ќе се намали бројот на оние што ќе мора да ја прележат болеста

УКАЖУВАЊЕ ОД ЕКСПЕРТ: Да се вакцинираат сите над 60 години е пожелно, така ќе се намали бројот на оние што ќе мора да ја прележат болеста

Професорот Дејан Трајковски предупредува дека во земјава не може да се достигне до есен колективниот имунитет, дури ни со вакцинацијата, но пожелно е да се вакцинираат сите возрасни лица над 60 години, бидејќи така ќе се намали бројот на лицата кои ќе мора да го прележат коронавирусот.

Тој ги замолува сите антиваксери да се воздржат од злонамерни коментари. 
Еве го интегрално неговиот пост на фејсбук со најновите пресметки. 
Уште од времето на Алфа сојот не сме ја погледнале пресметката на потребниот степен на вакцинација за обезбедување колективен имунитет против ковид-19. Во меѓувреме работите многу се промениле. Тука е Делта сојот, којшто се неговиот базичен репродукциски број R0=5...9 (ќе земеме просечно 7) бара најмал комбиниран степен на колективен имунитет (од прележување и вакцинирање заедно):

1 - 1/R0 = 1 - 1/7 = 85,7%.

Потребниот степен на вакцинација (PSV) ќе го пресметаме според следната формула:

PSV = (PKI-IP)/((1-IP)*VE), каде

PKI е потребен степен на колективен имунитет (за Делта сојот видовме претходно дека изнесува 85 отсто),

IP е степен на колективен имунитет од прележување. Врз основа на серолошкиот скрининг на антитела во Скопје, се проценува дека на ниво на држава истиот изнесува околу 34,3 отсто (со 95 отсто интервал на доверба од 27,8 отсто до 40,8 отсто). Ќе земеме најоптимистичка вредност од 40 отсто.

VE е ефикасноста на вакцините, којашто во случајот на Делта сојот е во значителен пад, и моментално се проценува помеѓу 38 и 80 отсто. Ќе ја усвоиме најоптимистичката вредност од 80 отсто (колку што изнесува за вакцините од Фајзер, непосредно по вакцинацијата).

Со овие вредности од претходната формула го наоѓаме минималниот потребен степен на вакцинација:

PSV = (0,85-0,40)/(1-0,40)*0,80) = 94 отсто.

Истата вредност ја добиваме и од дијаграмот на сликата, којшто ја прикажува потребната стапка на вакцинираност во зависност од дадените параметри.

Заклучуваме дека во македонски услови, дури и со максимално ефикасни вакцини против Делта сојот, е невозможно да се постигне колективен вакцинален имунитет, дури ни кога би се вакцинирало целокупното возрасно население на државата (80 отсто од популацијата). Да се потсетиме, моментално стапката на вакцинираност најмалку со една доза изнесува околу 24 отсто од вкупното население. Ова значи дека есенскиот бран, при сегашниот степен на прележаност на населението, не може да се спречи со вакцинација. Потребниот степен на колективен имунитет (до 85 отсто) ќе биде надополнет со прележување.

Ова, се рабира, не значи дека вакцинацијата е залудна, бидејќи при поголем опфат со вакцинација се намалува уделот на населението којшто ќе мора да прележи за да се дојде до колективен имунитет. Второ, иако постоечките вакцини не можат да спречат заразување и ширење на епидемијата, истите се сé уште прилично ефикасни (со многу висок степен, околу 90 отсто) против тешка форма на болеста, хоспитализација и смртен исход. 
Поради тоа, сите здрави возрасни лица, а особено постарите од 60 години (возраста од која започнува поголема смртност) е пожелно да се вакцинираат. За споредба, во Велика Британија преку 95 отсто од постарите од 65 години се вакцинирани и затоа во последниот бран на епидемијата, предизвикан од Делта сојот, леталитетот и морталитетот се многу ниски, речиси занемарливи.

Забелешка: овој пост не претставува убедување за вакцинација, туку математичка пресметка на потребниот степен на вакцинален колективен имунитет. Се молат антиваксерите да се воздржат од злонамерни коментари бидејќи ќе бидат веднаш блокирани.


Слично

Поврзани вести