УЈП ВО ПОТРАГА ПО РАБОТНИЦИ, АМА СО ПРОСЕЧНИ ПЛАТИ – ќе пополнуваат девет позиции низ земјава
Се бараат кандидати кои би работеле во Управата за јавни приходи, а огласите се поставени на веб страната на Агенцијата за администрација. Во нив може да се види дека се бараат заинтересирани лица кои би работеле на различни места низ земјава, но зачудува податокот дека институцијата која се грижи за финансиските текови во земјава, нуди плати кои воопшто не се привлечни.
Условите за пријавување на огласите се горе доле слични како и за повеќето државни функции. Се бара кандидатите да се државјани на Македонија, активно да го користат македонскиот јазик, да се полнолетни, здравствено способни и без судска забрана за вршење професија.
Дополнително, потребни се: активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење, положен испит за административно управување, активно познавање на англиски, француски или германски јазик и положен правосуден испит.
Притоа се бара дел од идните членови на семејството на УЈП да имаат високо образование,исто така за дел од позициите работното искуство не е задолжително, но за дел е задолжително.
Од огласите може да се види дека платите за овие различни позициите се движат од 27 илјади денари, до 39 илјади денари.
Едната позиција која ќе се пополнува е Даночен агент за прием, контрола и обработка на предмети, и се бара човек кој ќе работи во Генерална дирекција. Платата за оваа позиција е благо над 27 илјади денари, а потребно е искуство од најмалку една година.
Благо повисока плата се нуди за позицијата Даночен оператор во повикувачки центар за Генерална дирекција, и исто така услов е една година искуство.
Иста плата се нуди и за позицијата Даночен оператор во повикувачки центар, исто така во Генералната дирекција.
Се бара и Помошен даночен референт за даночно сметководство, за Дирекција за големи даночни обврзниции за оваа позиција се нуди малку повисока плата или 29.145 денари.
Со огласите се тежнее да се пополни и позицијата Помошен даночен референт за регистрација на даночни обврзници - физички лица, и платата која се нуди за оваа позиција е како и во претходниот случај.
Малку повисока плата, или 34.835 денари ќе биде месечната плата за лицето кое ќе се вработи како Помошен даночен агент за даночно сметководство, Оддел за даночно сметководство.
Се бара и Помлад асистент за услуги на даночни обврзници за даночно одделение во Делчево, како и Помлад даночен извршител за основни мерки за наплата на долгови за дирекцијатаво Скопје. Платата за овие две места е иста и ќе изнесува 35.814 денари.
Највисоката плата од овие огласи за вработување во УЈП се нуди за Советник за ИТ безбедност, но и таа е далеку под просекот за струката, и достигнува 39.476 денари.
Работното време за сите позиции е слично, осум часа во текот на денот од понеделник до петок. Дел од огласите истекуваат на крајот на месецов, додека дел во првите денови од следниот месец. Сите детали на веб страната на Агенцијата за администрација.
По изборите има драстичен раст на огласи за вработување во државните институции. Покрај пополнувањето на разни позиции во основни училишта, се бараат лица и за во општините, но и државни институции како Фискалниот Совет, Собранието, Министерството за транспорт, Министерство за финансии...
П.О.
