УЈП отвора нови шалтери за поднесување на Годишната даночна пријава
Со цел доближување на услугите до даночните обврзници и избегнување на метежите, покрај шалтерите лоцирани во сутеренот во Регионалната дирекција Скопје, Управата за јавни приходи отвори и дополнителни шалтери за поднесување на Годишна даночна пријава.
Вакви шалтери се отворени во општинските згради на „Ѓорче Петров“, Бутел, Гази Баба и Аеродром како и на приземјето на Дирекцијата за големи даночни обврзници во зградата на ССМ.
Од УЈП инфомрираат дека годишните даночни пријави во новотворените шалтери ќе можат да се вршат од 26 февруари до 15 март од 8 до 16 часот, во Аеродром до 18 часот, во Дирекцијата за големи обврзници до 21 часот исто како и на шалтерите лоцирани во сутеренот во Регионалната дирекција Скопје спроти Даре Џамбаз.
На овој начин граѓаните од Скопје но и сите оние кои се од друг град, а кои привремено работат или живеат во Скопје, можат пополнетата Годишната даночната пријава за утврдување на персонален данок на доход да ја поднесат на повеќе локации, вклучувајќи го и Даночниот шалтер Чаир, како и во Мобилните даночни шалтери на УЈП .
Заклучно со вчерашниот ден во УЈП се поднесени вкупно 85.031 Годишни даночни пријави, а од Управата очекуваат да се поднесат над 400 илјади даночни пријави до истекот на крајниот рок.
