Економија, финансии, бизнис

Контакт

Студентите со заработка од „Ворк енд травел“ во Германија добиваат даночни известувања од УЈП

Студентите со заработка од „Ворк енд травел“ во Германија добиваат даночни известувања од УЈП

Според информации објавени од студентската организација „Студентарија“, студенти кои работеле во Германија преку програмата „Ворк енд травел“ деновиве добиваат известувања од Управата за јавни приходи за поднесување електронска даночна пријава, односно Е-ПДД, за приходите што ги оствариле во странство.

Дел од студентите наведуваат дека покрај пријавувањето на заработката, од нив се бара да пријават и поврат на задржан данок од Германија, кој им бил исплатен на девизна сметка во Македонија. Известувањата, според нивните информации, пристигнуваат по пошта и по електронски пат, а најчесто ги добиваат оние на кои повратот на данокот од Германија им бил префрлен на сметка во земјава.

Студентите објаснуваат дека за време на работниот ангажман германските работодавци автоматски задржувале данок од платата, по што по завршувањето на работата им следувал поврат на дел или на целиот износ. Кај дел од нив, покрај обврската за пријавување на приходот, се отворило и прашањето за дополнително оданочување на повратот на данокот, а во одредени случаи и на вкупната заработка остварена во Германија.

Дополнителна дилема создава фактот што Македонија и Германија имаат Договор за избегнување двојно оданочување, според кој веќе платениот данок во една држава треба да се земе предвид и при евентуална постапка во другата. Во оваа ситуација се отвора прашањето дали повратот на претходно задржан данок може да се третира како нов приход, со оглед дека станува збор за враќање на веќе задржани средства, па по тоа основа не би требало да има дополнително оданочување.

Студентите велат дека засега нема доволно јасни насоки за постапката и дека добиваат различни информации, што внесува дополнителна несигурност. Рокот за поднесување на даночните пријави истекува денес, на 31 март.


Слично

Поврзани вести