УХМР за утре сподели „жолт хидроаларм“ - каде се можни излевања?
Потенцијална опасност од поплави и излевање на реки има во пола Македонија. УХМР за утре сподели „жолт хидроаларм“.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска најавија дека како резултат на циклонска активност за време на ноќта, како и во текот на утрешниот ден се најавуваат обилни врнежи во крајните јужни и југоисточни делови на земјата.
Од УХМР посочуваат дека се очекува зголемен водостој на реките и суводолиците во јужните и југоисточните делови на земјата во текот на утрешниот ден, односно висок водостој е можен во сливот на река Струмица и Струмичкиот регион, на река Анска и останатите помали реки и суводолици во Гевгелиско-Валандовскиот регион (река Калковска) и Дојранскиот регион, во крајниот долен дел од сливот на река Вардар, на водотеците кои доаѓаат одпланинскиот масив кожув (река Бошава, река Дошница, река Коњска, река Кованска, река Серменинска, река Петрова и другите помали реки) во Битолскиот дел од сливот на река Црна (река Елешка), како и во
Охридско-Преспанскиот регион.
Доколку се остварат прогнозите за количините на врнежи кои засега се најавуваат за крајните јужни и југоисточни погранични делови и доколку обилните врнежи навлезат подлабоко на територијата на земјата, на места можни се и локални излевања во наведените речни сливови.
Во тој случај, како што велат од УХМР, можно е да проработат помалите реки и суводолици, да се активираат во текот на утрешниот ден и локално на места е можно да предизвикаат излевања.
„Предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците во јужните и југоисточните делови на земјата во текот на утрешниот ден“, апелираа од УХМР.
Исто така, споделија е „жолто“ ниво за предупредување од поплави поради постоење на потенцијална опасност од локално излевање на реките и суводолиците во крајните јужни и југоисточни делови на земјата во текот на утрешниот ден.
Претходно поплави имаше во Чешиново-Облешево и во Ресен.