УЧИТЕ ГЕРМАНСКИ ЗА ДА СЕ ИСЕЛИТЕ: Колку време ви треба да стигнете до Б1 нивото?
Многу македонски граѓани се иселија, а други планираат да заминат во Германија поради што го изучуваат германскиот јазик. Но, за да стигнат до Б1 нивото, потребно е време и многу посветеност. Од училиштата за странски јазици, советуваат, оние кои сакаат брзо да го научат германскиот јазик, да работат многу на совладување на граматиката, да го збогатат својот речник, да читаат книги на германски или да следат емисии на германски јазик. Сите алатки кои ги имаат на располагање треба да ги искористат.
„За да се стигне до Б1 нивото потребни се месеци учење. Секој ден треба да учат. Задолжително и по завршувањето на часот да учат дома. Граматиката е потешка. Речникот мора да го збогатат. На јутјуб има видеа на германски јазик и нив можат да ги следат. За граматиката мора да се учи на курс. Тоа мора професор да го објасни. Мора да гледаат емисии на германски јазик, мора да се учи многу, посебно ако некој сака академско знаење, да работи како лекар и слично. Не треба да се прави пауза во учењето на јазик, тоа не е добро. Мора да има континуитет, затоа што јазикот се заборава брзо ако не се користи“, велат од училиштето за странски јазици Дојч во Тетово.
Професорите се категорични дека ако се има желба и ако се вложи труд, резултати ќе има.
„Треба 550 школски часа за да го совладаат Б1 нивото. Во принцип околу 6 часа неделно. Потоа доаѓа полагање на испитот. Најбитна е изложеноста на јазикот, а ние во Македонија тоа го немаме, за разлика од Хрватска, Словенија каде луѓето се изложени во секојдневието на германски јазик. Не е толку граматиката проблем, колку изложеноста. Повеќе се работи за културолошки, отколку лингвистички проблем“, изјави Борче Маневски, професор по германски јазик и комуниколог.
Граѓаните на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Албанија ќе уживаат привилегиран пристап до германскиот пазар на труд од 1 јуни 2024 година, според Регулативата за Западен Балкан.Тоа е затоа што Германија одлучи да го удвои бројот на визи што ќе ги добиваат граѓаните на овие пет земји за работа годишно на 50.000, што ќе ги издава Федералната агенција за труд од јуни 2024 година. Врз основа на Регулативата за Западен Балкан, податоците покажуваат дека околу 76.000 граѓани на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Албанија имале дозволи во Германија на крајот на 2023 година. Ова претставува зголемување од 22 отсто во споредба со 2022 година, кога Германија имаше околу 62.000 работници кои имаа дозволи од овие земји.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
