УЧИЛИШТАТА ГИ ОТВОРИЈА ВРАТИТЕ: Денеска се запишуваат првачињата
Училиштата во земјава ги отворија вратите за упис на првачињата. Од денеска почнува тестирањето, но најсреќниот ден за едно прваче, ќе се одвива многу поинаку од изминатите години. Училиштата мора строго да се придржуваат до протоколите кои ги утврди Владата, како мерки за заштита од ширењето на корона вирусот.
Првите луѓе на неколку скопски училишта велат дека пред училиштата имаат поставени средства за дезинфекција, прво за чевлите, а потоа и за рацете. Појаснуваат дека обезбедиле и каљачи, а на влезот ќе се мери и температура. Истакнати се информативни материјали, и за родителите и за децата со цел почитување на превентивните мерки.
Дозволено е децата да дојдат во училиштата само со еден родител, а зависно од бројот на првоодделенци кои треба да почнат со образовниот процес од септември, тестирањата во одделни училишта се закажани во интервали од 20 до 30 минути во неколку различни училници. Родителите задолжително треба да носат заштитна маска на лицето и ракавици и да одржуваат физичко растојание. Исто така, треба да знаат дека е строго забрането групирање на присутните во училиштето.
Родителите кои имаат првачиња, велат дека се информирани за правилата и протоколите, но појаснуваат и останати детали во однос на ова прашање.
-Информирани сме дека уписот ќе трае цел јуни. Не се само овие два дена. Еве на пример, тестирањето на мојата ќерка е закажано на 19 јуни. Во општина Аеродром каде што живееме има многу повеќе првачиња пријавени во училиштата. Максималниот број треба да биде меѓи 120-130 ученици, а само во училиштето „Блаже Конески“ учебната година треба да ја започнат околу 160 првачиња. Затоа и тестирањата се закажани во текот на цел месец. Но, јас тука би истакнала еден друг проблем, сериозна мака за родителите кои веќе имаат деца во погорните одделенија. Најверојатно од лани е направена нова реонизација во општина Аеродром, па така, брат и сестра на пример, не може да учат во исто училиште. Ние сме на истата адреса повеќе години, но и покрај тоа што мојот постар син учи во едно училиште, сега со новата реонизација, мојата ќерка-прваче, бев приморана да ја запишам во друго училиште, вели Мила Стојанова, родител.
Во секој случај, најголемиот број од училиштата во сите општини почнуваат со тестирања на првачињата од денеска, но, некои од безбедносни причини, како што велат, вратите на училиштата ќе ги отворат дури во среда.
А.Б.
