Економија, финансии, бизнис

Контакт

УЧЕНИЦИТЕ СЕДНУВААТ ВО УЧИЛИШНИТЕ КЛУПИ: По година и пол, навремен старт на учебната 21/22

УЧЕНИЦИТЕ СЕДНУВААТ ВО УЧИЛИШНИТЕ КЛУПИ: По година и пол, навремен старт на учебната 21/22

Учениците од основните и средните училишта, по година и пол настава онлајн, прилагодена заради епидемијата на корона вирусот во земјава, денеска конечно ќе седнат во училишните клупи. Исклучоци ќе има во неколку средни училишта. Онлајн ќе стартуваат средношколците во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга. Владата по препорака на Комисијата за заразни болести одлучи во Тетово и Гостивар за 14 дена да се одложи настава со физичко присусво, додека во Кичево и Струга само 7 дена.

Самите општини побараа на овој начин да стартуваат заради актуелната епидемиолошка состојба, која во овие градови е алармантна.

Инаку, од МОН нагласуваат дека училиштата се подготвени за сите сценарија за учење кои треба да се спроведат во учебната 2021/2022 година, но нагласуваат дека почнувањето со физичко присуство е во интерес на учениците.

-Сите ние сме родители и сите ние бевме сведоци дека нашите деца учеа во минатата учебна година, но бевме сведоци и дека им недостигаа другарчињата, им недостигаа наставничките и токму таа среќа ја враќаме во очите на децата. Но, ја враќаме и среќата на наставниците, затоа што тие не се целосни доколку не се во училница, не се со своите ученици и не го пренесуваат најдоброто знаење коешто го имаат затоа што тие ги создаваат генерациите коишто треба да ја водат државата, изјави министерката за образование, Мила Царовска.

Од повеќе основни училишта во Скопје нагласуваат дека се целосно подготвени за настава. Велат дека се е согласно протоколите.

-За разлика од лани, сега кадарот е вакциниран. Тоа е огромна предност. Изминатата година, во одделенијата кои присуствуваа физички на настава, имавме само три инфекции со ковид меѓу дечињата, додека, заразени наставници немавме воопшто. Наставата и сега ќе се одвива според сите утврдени протоколи, едноставно, нам наставниците и секако учениците, местото ни е во училиштата. Изгубивме многу, време е да се врати детскиот жагор, и вистинското учење, велат наставници од основи училишта во Скопје.

И министерот за здравство, Венко Филипче, вчера изјави дека многу е важно да се поддржи училишниот процес со тоа што граѓаните ќе се вакцинираат. Смета дека на овој начин ќе се овозможи децата да имаат безбеден училишен процес.

-Утре започнува училишната година која е ќе биде со физичко присуство. Ова е многу важно за децата и учениците бидјеќи недвосмислено сите анализи покажуваат дека тие мора да одат на училиште и дека повторно одлагање на учебната година или учење онлајн е на нивна штета. Речиси сите земји во светот го вратија нормално училишниот процес, ќе го направиме тоа и ние, изјави министерот Филипче.

Сепак, доколку епидемиолошката состојба се влошува, министерот истакна дека целосно се подготвени други решенија со кои ќе се овозможи образовниот процес.

Анита Буховски


Слично

Поврзани вести