Ученици од Неготино оставени на екскурзија во Италија
Скандали во училиштата во Неготино продолжуваат да ја брануваат јавноста во изминатиот период. И додека не стивнале реакциите по снимката со претепување на ученичка во основното училиште во градот, од страна на нејзини соученички, деновиве актуелна е друга драма, која што се случувала за време на средношколската екскурзија, која се одржала од 2 до 8 април, кога двајца ученици биле оставени сами во Италија, додека групата продолжила во Франција, пишува Фокус.
Имено, екскурзијата на ученици од трета година од СОУ ,,Свети Кирил и Методиј’’, започнала и се одвивала според однапред договорениот план. Четири ноќевања и полупансион, посета на Венеција, Верона и Милано во Италија и посета на Ница, Кан и Монте Карло во Франција била понудата на туристичката агенција ,,Балкан Турист’’ од Кавадарци, чиј сопственик е Тони Ристовски, кој заедно со уште двајца претставници од агенцијата бил присутен на екскурзијата, а покрај нив децата ги придружувале и девет професори и еден лекар. Присутни биле 133 ученици, сместени биле во два хотели, а се патувало со три автобуси.
По враќањето од екскурзијата, родители на социјалните мрежи обелоденија дека се случил скандал, кога две деца биле оставени во хотелот во Италија, бидејќи доцнеле петнаесеттина минути, а целата група со професорите и средношколците без нив, со автобусите продолжила во Франција. Децата го минале целиот ден во Италија сами, а групата се вратила назад дури во вечерните часови. Нивната реакција веднаш беше пренесена од страна на повеќе медиуми во земјава.
